Бизнисменот Љупчо Палевски претепан со метален предмет во Скопје
Бизнисменот Љупчо Палевски попладнево бил нападнат во Скопје.
„Денеска околу 17.15 часот пријавено е дека на ул.Златко Шнајдер од страна на две лица кои биле со мотоцикл со употреба на метален предмет бил нападнат Љ. П. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР.
Палевски е пренесен на една од скопските клиники.
Власта многу добро ги знае сторителите и нарачателите на ваквиот крвав инцидент, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по веста дека попладнево со метален предмет бил нападнат бизнзисменот Љупчо Палевски во Скопје.
„Иако имаме различни мислења за одредени теми, иако и често знае да ме критикува, но искрено и човечки давам поддршка за Љупчо Палевски и најостро го осудувам дивеењето по улиците и физичкиот напад врз него“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Фејсбук.
„И да не се залажуваме, власта многу добро ги знае сторителите и нарачателите на ваквиот крвав инцидент. Наместо европска Македонија, добиваме држава во која мафијата со неистомислениците се пресметува со тупаници и шипки. Ако владата не го расветли инцидентот во најбрз можен рок, тогаш народот треба да знае како да се самозаштити во иднина“, вели Мицкоски.