ДВ: НА БАЛКАНОТ ВЛАДЕАТ КЛЕПТОКРАТИ – СО БЛАГОСЛОВ НА ЕУ

Хибридни демократии, клептократии и мафијашки држави се вградија во Србија и регионот. И ќе биде тешко да се смени нешто додека ваквите „елити“ се „потаман“ на Европската унија, пишува германскиот дипломат Гудрун Штајнекер за ДВ.

Црна Гора и Србија се во преговори за пристапување со Европската унија. Во март беше договорено да се започнат преговори со Северна Македонија и Албанија. Босна и Херцеговина поднесе барање за членство, а Србија блокира каков било напредок на Косово, пишува Штајнекер.

Ова е едната страна од процесот на проширување. Но, како стојат работите со вредностите: демократија, владеење на правото и одржлив развој во пракса?

Постои „напредок“ од 1989 година, иако беше забавен со војните за време на распадот на Југославија. Со исклучок на Косово, постои слобода на патување за „шестте од Западен Балкан“, кој граѓаните го користат за да видат каде ќе емигрираат.

Во синџирите на супермаркети, кои претежно се во германски раце, првенствено може да се најдат увезени артикли, а ретко има домашни производи. Коруптивни градежни проекти, изградба на мали хидроцентрали, уништување на шумите, кражба на земјиште и неконтролиран развој на туризмот ја оштетуваат уникатната природа на регионот.

Образованието и здравството се на многу ниско ниво, невработеноста е огромна. Многумина не би можеле да преживеат без парите што им доаѓаат од странство и моменталната сива економија. Време е да се каже дека неолибералната транзиција на Балканот не успеа.

Многу нискиот одѕив на изборите во Србија, Хрватска и Северна Македонија е израз на длабока недоверба во демократијата. Демонстрациите во Белград ја нарушија „брилијантната“ изборна победа на владејачката партија на претседателот Александар Вучиќ.

Северна Македонија, по валканата изборна кампања, се соочува со речиси невозможно формирање на влада. Катица Јанева, поранешна надежна и специјална државна обвинителка е обвинета за корупција. Во исто време, Сашо Мијалков, поранешен шеф на тајната служба и братучед на поранешниот премиер Никола Груевски, некогаш страшен „Капо ди тути Капи“ и еден од најбогатите претприемачи, „крева џева“ низ Скопје. Никола Груевски го ужива целото свое богатство во егзил во Будимпешта.

Босна и Херцеговина е земја во која е невозможно да се владее, каде што сè што е вредно, меѓусебно е споделено од елитите, предводени од клептократите како Милорад Додик и Бакир Изетбеговиќ.

Албанија и Косово се во постојан режим на криза. Избраниот премиер на Косово, Албин Курти, беше соборен со помош на САД, а косовскиот претседател Хашим Тачи се соочува со обвинение за воени злосторства, што албанскиот премиер Еди Рама го смета за напад врз сите Албанци.

Малата Црна Гора, каде се одржуваат избори во септември, е поделена од апсурден спор околу законот за слобода на религија помеѓу ултрареакционерната Српска православна црква и кликите собрани околу долгогодишниот владетел Мило Ѓукановиќ.

И, тогаш кој е изненаден што милијарди на Европската унија, Европската банка за обнова и развој, Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и други организации исчезнуваат?

Од 1989 година се воспоставени хибридни демократии, клептократии и мафијашки држави. Економист со потекло од Србија, Бранко Милановиќ, на својот блог напиша за „повеќепартиски клептократии“; политикологот Јасмин Мујановиќ тоа го опиша во својата книга „Глад и гнев“ како „еластичен авторитаризам“; Во тековната студија, претседателот на Транспаренси Интернешнл во БиХ, Срѓан Благовчанин, зборува за „владеење на картелот“. Ведран Ѓихиќ од австрискиот институт за надворешна политика вели дека изборите во Србија биле за „лажна демократија и уметноста на илузијата“.

За жал, ситуацијата не изгледа подобра во некои земји од Европската унија. Имаа само среќа да станат членови на клубот на време, како Романија и Бугарија, Малта, Кипар, Унгарија и Полска. Во 2016 година, унгарскиот социолог Балинт Маѓар ја опиша својата земја како „пост-комунистичка мафијашка држава“. Неговите критериуми можат да бидат пресликани во „шестте од Западен Балкан“.

Носителите на одлуки во Брисел и нивната бирократија, заради другите приоритети, воопшто не се грижат за тоа. Но, навистина нема многу смисла да се предупредува Балканот да се придржува кон „основните правила“ на реформите, кога земјите од ЕУ, како и Германија, навистина се грижат за правилата веднаш штом ќе ги допрат во нивните интереси.

Европските партиски сојузи, а особено Европската народна партија и Партијата на европските социјалисти играат опасна улога во аранжманите со клептократиите на Балканот. Затоа што, едноставно не е во ред да се обележат балканските партии како конзервативни, христијански, либерални, социјалдемократски или социјалистички и со тоа да се класифицираат во партиските семејства.

Таканаречениот Берлински процес, кој започна во 2014 година со многу ентузијазам и добри перспективи, не даде ништо посебно; тоа беше она познатото „се стресе планина, се роди глушец“. Сепак, Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), која беше речиси единствениот конкретен резултат на процесот, не треба да се девалвира. Бидејќи, таа може да се заблагодари на своето постоење на ангажираните претставници на граѓанското општество.

Аспирациите за инфраструктурни проекти останаа на хартија, додека Кина гради автопати, железнички мрежи и мостови, понекогаш дури и со поддршка од ЕУ, и ги привлекува земјите во должничка стапица. Одржливоста на овие проекти е нешто друго во целост. Но, тие одлично се вклопуваат за да „вртат“ многу милиони.

Значи, од сè, се чини дека ниту балканските елити ниту нивните европски партнери не се заинтересирани да работат на одржлив развој, прилагодени климатски промени и загрозената биолошка разновидност.

Затоа, крајно време е фундаментално да се преиспита политиката на Европската унија кон Балканот. Ова нема да биде регулирано со нова „методологија“ за пристапување во ЕУ. Коруптивните елити во политиката и економијата мора да се спротивстават. Тие ќе мора да се повикуваат на лична одговорност. И тоа може да се направи само во соработка со, иако слабо, но разновидно и живописно граѓанско општество.

Бидејќи, сè додека на младите им се нуди можност помеѓу прилагодување и емиграција, егзодусот на доброобразованите нема да може да запре. Конечно, треба да се има храброст, како во Брисел, така и во Берлин и Париз, да разговараме отворено со балканските елити. Но, тоа исто така повикува на именување на сопствените недостатоци и борба против нив. Бидејќи статус-квото е фатално.

* Гудрун Штајнакер, поминал 13 години на Балканот помеѓу 1976 и 2016 година, на крајот како амбасадор на Германија во Северна Македонија и Црна Гора.Сподели

Translate »