Кои се последните номади во Македонија?

Во оваа рубрика ви презентираме интересни податоци за нашата земја

Под покровителство на Обединетите нации, светот го одбележува 9 Август, Светскиот ден на домородното население. Тоа се автохтоните заедници што до денес ги зачувале своите вековни обичаи, живеат на стариот начин и не дозволуваат модерното време да влезе во нивните животи.

И во Македонија има заедница која се вбројува во групата луѓе што сѐ уште живеат на традиционален начин. Познати и како последните номади во Македонија, тоа се Јуруците. Тие се населиле во Македонија со османлиските освојувања. Во книгата „Историјата на македонскиот народ“ се вели дека поради својот начин на живеење, особено погодни за преселување биле анадолските номади. Нивната колонизација почнала уште во времето на турското завојување, а особено значајна улога одиграле прочуените воени команданти – Евренос-бег, Јеген-паша и други.

„Како резултат на колонизацијата се создал цел појас од населби на турски сточари, наречени Јуруци или Коњари, во Солунско, Неврокопско, Струмичко, Радовишко, Кочанско, Овчеполско и кај Коџаџик. Колонизацијата продолжила со ист интензитет и во наредните векови. Но, никако не го загрозила опстанокот на домородното македонско население“, пишува во книгата.

Јуруците и нивните обичаи денес се често во фокусот на вниманието на медиумите. Карактеристични се женските носии со изразени нијанси на сина, виолетова, црвена, жолта и зелена боја, украсени со цветни елементи. Живеат во селата на планината Плачковица, во близината на Дојран, Штип, Струмица и Радовиш. По вероисповед се муслимани, а зборуваат на дијалект на турски јазик. Заедницата е строго патријархална.

Во официјалното писмо на ОН по повод Светскиот ден се вели дека овие луѓе бараат сопствени решенија исправени пред светската пандемија на Ковид-19.
– Го користат традиционалното знаење и практики, како доброволна самоизолација, ги запечатуваат своите територии и преземаат други превентивни мерки. Уште еднаш тие ја покажуваат својата способност да се адаптираат – пишува во обраќањето.

извор-Факултети.мк

Фото: Горан Анастасовски

Translate »