Мистеријата обвиена околу „Змискиот Остров“ во Преспанско – дивина со флора и фауна каде што ретко стапнува човек (фото)
Голем Град (Змиски Остров или уште познат како Св. Петар) е остров во Преспанското Езеро и претставува најголемиот природен остров во нашата земја. Искачувањето на островот е можно само од две места, на северозападниот и на југоисточниот крај, каде постојат мали плажи и пукнатини во карпите до кои може да се пристигне со чамец.
Островот Голем Град се наоѓа на околу 2 км од брегот на езерото. Има елипсовидна форма со должина од 750 m и ширина од 450 m. Од сите страни островот е заобиколен со карпи и ридести врвови со височина од 20 до 30 метри.
Денес е ненаселен со луѓе, царува само флората и фауната и според исказите на многумина, ова е домот на змиите од каде што потекнува и името на островот. На него живеат два вида на змии, неотровната белоушка и отровната змија поскок.
Но, во минатото, луѓето живееле во симбиоза со природата и граделе живеалишта, храмови и пристаништа. Најстарата цврста архитектура на островот датира од пред 2.200 години, додека пак најстарите гробови на жителите на островот се уште постари – од пред 2.500 години. Ова значи дека населбата сигурно била и неколку векови постара.
На островот, иако на релативно мала површина, пронајдени се остатоци од цркви и базилики, а во некрополите е пронајден златен, сребрен и бронзен накит. И покрај досегашните сознанија, островот Голем Град е сè уште недоволно истражен, но и прилично опасен. Постоеле два обиди за уништување на змиите, со ежови и мунгоси во минатото, но не бил постигнат некој значаен успех.
Izvor Crnobelo.com