Нашиот народ вели дека рибата плива трипати – во водата, во тавчето и во виното!
Нашиот народ вели дека рибата плива трипати – во водата, во тавчето и во виното! А во Македонија постојат езера и реки што се одликуваат со неверојатна чистота, постои големо богатство од традиционални рибини специјалитети и постои беспрекорно вкусно вино со кое се подготвуваат дел од нив.
Еден таков специфичен традиционален рецепт е крапот. Оваа риба претставува карактеристика за Дојран, па затоа во овој град можете да го вкусите и најдобро подготвен. Добро исчистениот крап се засекува и се зачинува со лук, магдонос, кора од лимон и морков, а завреме на подготовката рибата постојано се полева со доматен сос и со големо количество бело вино. Може да се послужи и гарнир од компир салата или ориз, вели Ташко Дуљанов од ресторанот Нота.



Најпознатите дојрански специјалитети се базирани на рибата, особено на костреж и црвеноперка. Најпрочуен рецепт е рибата на трска. Карактеристично за овој специјалитет е тоа што рибата се обвиткува во трска и на тој начин се става на жар. Трската претставува заштита на рибата додека се пече, ја спречува да загори и ѝ дава несекојдневна арома. Се подготвува најчесто со црвеноперка.
Со овие рибини специјалитети, за уште поголемо уживање, најпогодно би било да отворите некое бело вино, какви што се смедеревка или жилавка.

