СИТЕ АСПЕКТИ НА СПЕКТАКУЛАРНИОТ МОМЕНТ: А не требаше ни да игра!!!
Словенечкото чудо од дете уште еднаш ја покори НБА лигата, сега со првиот базер-битер во неговата блескава кариера, која трае само две години преку Океанот, претходно три години во Реал Мадрид.
Неговиот лев скочен зглоб доживеа дисторзија на претходниот натпревар. Неговиот соиграч и сијамски близнак во Маверикс, летонскиот џин Кристапс Порзингис, не играше поради повреда на коленото.
Неговата екипа губеше -21 во првото полувреме и 1:2 во првата рунда од плеј-офот, во двобојот со фаворитот за титулата, ЛА Клиперс. Неговата личност беше директно (расно) нападната од големиот (умислен) бед-бој на противникот, Монтрез Херел.
Знаете како одговори Лука Дончиќ?
На 3.7 секунди до крајот ја зеде топката, го остави Каваи Ленард во другата сала по блокот од Клебер, му ги искрши зглобовите на Реџи Џексон, ја закова топката низ обрачот од 10 метри со звукот на сирената, за победа од 135:133.
Ова беше прв постсезонски базер-битер за Далас, по кошот на Винс Картер против Сан Антонио со Каваи Ленард во составот, во третиот меч од 1/4 финалето во 2014-та година, воедно и втор по рестартот (двата се против Клиперс).
Лука Дончиќ имаше 43 поени со 17 скока и 13 асистенции, на возраст од 21-на година, во плеј-оф меч против тим набилдан да го освои пехарот. Сите ѕвезди на денешницата, без исклучок, му се поклонија. Заслужено!!