Лекарите изненадени: Италијанка трет пат заразена со коронавирус
Жена од Ломбардија претходно два пати била во болница поради Ковид-19.
Една Италијанка од Ломбардија, на летување на островот Сардинија открила дека трет пат се заразила со коронавирус.
Италијанката, која дошла на одмор во местото Тертенија на Сардинија, поради други здравствени причини отишла во болница и открила дека повторно е позитивна на Ковид-19, пренесува “Tanjug”.
Претходно два пати била во болница поради Ковид-19, по што, како што наведува порталот “Olbia.it”, била излечена, односно имала негативни резултати на тестовите на тој вирус, а сега е хоспитализирана во градот Ланузеи.
Според соопштението на локалните службеници, пациентката повторно ќе биде тестирана, а според “антиковид” протоколот, ќе има следење на нејзините контакти, за да се утврди дали се заразени.
Други повторени случаи
Во вторникот холандската телевизија “NOS”, повикувајќи се на виролозите, известила дека пациент во Холандија и уште еден во Белгија се повторно заразени со коронавирус.
Таа вест била објавена по извештајот на научник од Хонг Конг, за маж кој е повторно заразен четири и пол месеци откако оздравел.
“NOS” ја пренесува изјавата на вирологот Марион Коопманс, која рекла дека холандскиот пациент е постара личност со слаб имунитет.
Рекла дека се познати случаи кога луѓето долго боледувале од вирусот, па тој повторно се враќал.
Меѓутоа, вистинска реинфекција бара генетско тестирање на вирусот во првата и втората инфекција, за да се види дали се разликуваат вирусите.