Македонија доби нова влада, Заев се обврза дека ќе работат одговорно и чесно
По дводневна исцрпна собраниска дебата, пратениците пред полноќ ја изгласаа Владата предложена од мандатарот Зоран Заев. „За“ Владата на Заев гласаа 62 пратеници, а „против“ беа 51 пратеник,од вкупно присутни 115 пратеници.
Заев во својот говор пред гласањето, рече дека тој и министрите се обврзуваат чесно и одговорно да им служат на граѓаните.
„Сега веќе немаме отворени етнички прашања, сега сите сме еднакви. Сега сите соседи ни се пријатели“, рече Заев во својот говор.
Тој им се заблагодари на граѓаните за довербата и ја повика опозицијата на соработка во претстојните четири години.
Во Владата ќе има 19 министри. Љупчо Николовски ќе биде вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.
Предвремените парламентарни избори во Македонија се одржаа на 15 јули.