ИНТЕРВЈУ СО ЕСМЕРОВ: НЕ ПОДНЕСУВАЊЕТО НА ОСТАВКА НА МИЦКОСКИ ЌЕ ЗНАЧИ СИГУРЕН ПОРАЗ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ
Не поднесувањето на оставка и криењето позади партискиот статут и деловник ќе допринесе до дополнително оронување на партиското членство, разочараност и сигурен пораз на следните локални избори, вели Игор Есмеров, поранешен амбасадор на земјава во Унгарија во периодот 2014-2018-та година и поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Локално.
Тој вели дека е „просто фрапиран“ колку лоши квалификации дава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за луѓето кои гласале за него и му ја дале довербата за тој да биде Претседател, притоа нарекувајќи ги „криминалци и слуги на Заев“.
– Првата дилема е дали навистина членовите кои му побарале оставка се навистина уценети и одработуваат за Заев, а втората дилема е дали сепак се работи за уцена кон првиот човек на ВМРО од страна на Заев, уцена која во реалноста можеби и се остварува во реалноста, а резултатот на таа шпекулација е дека ВМРО губи на четири последователни избори во четири години, посочи поранешниот претседател на ОК Центар.
Есмеров смета дека доколку продолжи со истата реторика, која недвосмислено содржи и одредени закани, неговите предвидувања се дека расколот во партијата ќе се зголемува и нервозата ќе расте со секој поминат ден, седмица и месец, а партиското членство дополнително ќе се раслојува и постепено ќе ја одбива послушноста кон партиските тела и претседателот Мицкоски.
За тоа каква порака би му испратил на Мицкоски во овој тежок период за партијата, поранешниот Амбасадор вели дека тој „не треба да дозволи да биде запишан во историјата како недемократ и последен Претседател на ВМРО“.
Дел сте од иницијативата за промена на Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски? Зошто?
-Не, јас не сум дел од никаква иницијатива. Јас сум 26 години член на партијата, со исклучок на оние 4 години во кои ја извршував должноста Амбасадор на Република Македонија во Унгарија, но исто така сум бил поранешен член на ИК на УМС, Шеф на Кабинет на Потпредседател на Влада, Претседател на ОК Центар и сум учествувал во скоро сите изборни циклуси, како дел од РИШ.
Во овие моменти, кога сум сведок на целосно девастирање на партијата, по хоризонтала и по вертикала не можам да останам нем на таквите случувања, кои се всушност повод за искажување на моето издвоено мислење.
Дополнително, разочаран сум од неисполнување на дадените ветувања од страна на Претседателот Мицкоски кои ги даде веднаш после конгресот на кој тој е избран за Претседател на ВМРО, а тоа се ветените три столба на идно дејствување: сплотување и интегрирање на членството, подобрување на односите со меѓународната заедница и подобрување на односите со албанскиот блок на партии со цел зголемување на коалицискиот капацитет на партијата.
Ниту еден од ветените три столба на идно дејствување не е исполнет, членството е разединето во екстремна мерка, односите со меѓународните партнери се на најниско можно ниво, а коалицискиот капацитет на ВМРО со партија од албанскиот блок го видовме на дело на овие избори.
Кое е вашето мислење во врска со последните случувања во ВМРО ДПМНЕ?
-Ќе ја искористам оваа прилика да изнесам само факти и аргументи, а членовите, симпатизерите и неопределените гласачи нека ја ценат нивната оправданост или неоправданост. Нема да се впуштам во лични квалификации на одредени личности.
Факт е дека Христијан Мицкоски е легитимно избран Претседател на Конгрес, а на тоа место дојде од позицијата Генерален Секретар. Како Генерален Секретар на ВМРО, Христијан Мицкоски го доживеа убедливо најголемиот пораз на Локалните избори во 2017-та година, при што ВМРО освои само 2-3 рурални општини. Ги изгубивме сите, ама буквално и без исклучок сите големи градови, вклучително и сите општини во Скопје, но го изгубивме и градот Скопје.
Во 2019-та година кога Мицкоски е избран за Претседател, значи само после 2 години, што е сосема доволен период за консолидација и изработка на план и стратегија, на Претседателските избори нашиот кандидат Проф. Силјановска повторно изгуби, а со тоа воедно изгуби и ВМРО.
Интересно е што заедно со Претседателските избори се одржаа и предвремени Локални избори за избор на Градоначалник во Ново Село и Охрид, кои исто така ги изгубивме. Интересен е фактот што на Претседателските избори Силјановска во Охрид водеше со околу 1000 гласа на листата за избор на Претседател, а истовремено нашиот кандидат за Градоначалник на Охрид изгуби со околу 3000 гласа. Ова единствено асоцира на тоа дека кандидатот за Претседател ужива поголеми симпатии, одколку ВМРО ДПМНЕ.
Веќе следната 2020-та година на Парламентарните избори, ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски освојува околу 300.000 гласа, што е воедно и најслаб резултат кој ВМРО го освоила во историјата на Република Македонија, од позиција на опозициска партија, со што ги губи овие парламентарни избори.
Вкупниот сублимат на горе изнесените факти ми дава за право како долгогодишен член на партијата да побарам морална, но и лична/професионална одговорност од првиот човек на партијата поради искучително незадоволителните резултати на сите изборни циклуси од 2016та година, па до сега. Значи, да бидам појасен, јас не барам „храбра одговорност“ за да добијам одговор „дека би било кукавички чин доколку сега си поднел Мицкоски оставка“. Јас барам морална одговорност, како чин на висок морал и интегритет кој би требало да го поседува еден лидер на ВМРО ДПМНЕ.
Ваквиот чин на понесување на морална одговорност е во правец на следење на демократските принципи од минатото, кога претседателите на ВМРО поднесувале неоптповикливи оставки после изгубени избори.
Секој друг чин на однесување ќе значи насилно узурпирање на партијата, партиските тела и партиските ресурси што пак е спротивно на демократските начела и принципи.
Дополнително, не поднесувањето на оставка и криењето позади партискиот статут и деловник ќе допринесе до дополнително оронување на партиското членство, разочараност и сигурен пораз на следните локални избори.
Постојат повеќе иницијативи за смена на Мицкоски. Дали соработувате со нив? Дел од тие лица сепак имаат голем багаж.
-Ќе повторам, не сум дел од иницијативата, не соработувам, ниту сум имал средба со некој од нив, но ги познавам, бидејќи добар дел од нив се стари членови, но и поранешни партиски функционери, функционери на централно и локално ниво.
Сепак, интересен ми е начинот на кој Мицкоски им се обраќа на неговите сопартијци од таа иницијатива, особено ако се има во предвид дека добар дел од нив беа делегати и гласаа за него на конгресот на кој тој стана Претседател на ВМРО.
Јас сум просто фрапиран колку лоши квалификации дава за луѓето кои гласале за него и му ја дале довербата за тој да биде Претседател, притоа нарекувајќи ги „криминалци и слуги на Заев“, што, ќе се согласите дека не му доликува на еден Претседател на ВМРО, особено ако се има во предвид дека 95% од нив немаат никакви судски постапки.
Тука се отвара и една дилема, а тоа е доколку на ваков недоличен начин им се обраќа на делегатите кои го изгласале, каков бил неговиот однос кон обичното членство во изминативе неколку години, што на некој начин ни го дава и одговорот за причините поради кои ВМРО на чело со Мицкоски изгуби четири изборни циклуси во четири години.
Оваа аргументација оди во прилог на тоа што се случува внатре во партијата и дефинитивно остава огромни траги кои се рефлектираат во драматичното опаѓање на бројот на членови на партијата.
Имено, Мицкоски ја превзема партијата ВМРО ДПМНЕ со членство од околу 150.000, а само во ОК Центар заклучно со 2017та година, членуваа околу 4.700 члена, од кои активното членство броеше околу 1.200 активисти.
Во 2020-та година, бројот на членови на ВМРО ДПМНЕ изнесува околу 47.000, а бројот на членови во ОК Центар изнесува околу 700 члена, од кои активни се само 150-тина активисти.
Според моите сознанија, состојбата со партиските членови и активисти е во сите Општински комитети слична или иста.
Како сублимат на погоре напишаното, би потенцирал две дилеми кои се отвараат и подолго време циркулираат помеѓу членството, но се на ниво на шпекулации.
Првата дилема е дали навистина членовите кои му побарале оставка се навистина уценети и одработуваат за Заев, а втората дилема е дали сепак се работи за уцена кон првиот човек на ВМРО од страна на Заев, уцена која во реалноста можеби и се остварува во реалноста, а резултатот на таа шпекулација е дека ВМРО губи на четири последователни избори во четири години, во период на економска стагнација, уставни измени и најголема здравствена криза во поновата историја.
Сепак, овие тези се само на ниво на шпекулации.
Според вас, кој би бил вистинскиот начин на разрешување на настанатата состојба, ако се има предвид дека Мицкоски одбива да прифати одговорност за изборните порази?
-Доколку продолжи со истата реторика, која недвосмислено содржи и одредени закани, моите предвидувања се дека расколот во партијата ќе се зголемува и нервозата ќе расте со секој поминат ден, седмица и месец, а партиското членство дополнително ќе се раслојува и постепено ќе ја одбива послушноста кон партиските тела и претседателот, за ваквите емоции да доживеат кулминација после локалните избори, кои треба да се одржат за неполна година. Тогаш и најлојалните членови ќе се соочат со реалноста, која ќе биде сурова. Пластично кажано, нема да има членови и активисти кои ќе можат да изработат победа за ВМРО.
Излезот од оваа состојба, според мене би требало да се движи во следнава насока.
Прво, Мицкоски да си поднесе неотповиклива оставка и да прифати морална одговорност за поразите во низа.
Второ, да се состави Работно претседателство од 6 члена, кои нема да имаат амбиции да учествуваат во пост конгресните партиски структури и ова работно претседателство да организира Вонреден конгрес со сегашните делегати.
Трето,на тој Вонреден конгрес да имаат право да се кандидираат кандидати според сегашната процедура, вклучувајќи ја и можноста да се кандидира сегашниот Претседател Мицкоски.
Тој што ќе ја добие мнозинската подршка на тој конгрес ќе биде легитимен и легален Претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Секоја друга комбинација ќе го доведе под знак прашалник сегашниот легитимитет на Претседателот, кој и онака е веќе оспоруван од повеќе страни, но воедно ќе биде и чин на антидемократско и автократско однесување.
Вашите очекувања од новата влада на СДСМ…
Немам некои посебни очекувања. Би требало ова прашање да им го поставите на оние кои гласале за нив.
Очекувате ли жешка есен, како што впрочем и најави Николовски? Имаат ли сила да го канализираат народното незадоволство?
-Ќе почекаме и ќе видиме. Доколку не успее ВМРО во своите намери, тоа ќе биде само дополнителен аргумент во погоре напишаното и ќе ги оправда моите стравувања и сомнежи.
Доаѓаат Локални избори во 2021-ва година. Очекувате ли победа?
-Рано е за претпоставки, но мислам дека после тие избори целокупното членство ќе биде многу разочарано.
Каква порака би му испратиле лично на Христијан Мицкоски?
-Би му испратил еден пријателски совет, а тоа е да не дозволи да биде запишан во историјата како недемократ и последен Претседател на ВМРО, партија која во 127 годишното постоење поминала низ многу премрежија и која единствена е заслужна што македонското прашање го држела отворено на меѓународната сцена се до добивањето на целосна независност во 1990-та година, но и сега.
Во спротивно, постои реална можност во историјата да биде опишан како човек, кој во само 3 години е најзаслужен за распад на партијата која постои 127 години, а воедно и последен Претседател на ВМРО. Со тој баласт ќе мора да се носат и идните поколенија.
Редакција Локално