КОСТА КОСТОВСКИ ЌЕ УПРАВУВА СО СИТЕ БИЗНИСИ НА СЕМЕЈСТВОТО – Трифун Костовски го назначи за овластено лице – на местото на Емил Ханџиски
Бизнисменот Трифун Костовски му го предава на својот син, Коста Костовски, управувањето со целата групација од негови компании, ГОФИ, кои преостанаа откако врз Еуростандард банка беше отворена стечајна постапка, и сега ќе следува процес на намирување на доверителите од стечајната маса.
Во вчерашниот број на Централниот регистар беше наведена промена во раководството на групацијата на неговите семејни бизниси, ГОФИ, или со цело име ГОФИ Група за финансии и инвестиции СА од Мелиде, Швајцарија, претставништво Скопје.
Односно, како овластено лице или управител на Групацијата ГОФИ отсега па натаму ќе настапува Коста Костовски, син на бизнисменот Трифун Костовски, наместо досегашниот долгогодишен управител Емил Ханџиски, кој е избришан од позицијата овластено лице на Групацијата ГОФИ.
Зошто дошло до оваа промена во главната управувачка позиција на групацијата ГОФИ засега може само да се претпоставува, но се смета дека контролата врз целиот свој бизнис Трифун Костовски сега сака да му ја предаде на својот син Коста, веројатно како лице во кое има најмногу доверба.
Ова особено може да се очекува по настаните со Еуростандард банка, за чие пропаѓање бизнисменот Трифун Костовски прстот го впери токму кон нејзиниот поранешен долгогодишен директор и претседателот на Управниот одбор, кој со банката раководеше до крајот на септември минатата година. По оваа изјава на Трифун Костовски, возврати Николче Петковски, кој тврдеше дека Трифун Костовски, како претседател на Надзорниот одбор, но и неговиот син, како претседател на Кредитниот одбор, секогаш имале увид во случувањата со банката, и како раководители биле целосно инволвирани во дневните операции на банката и целосно биле запознаени со состојбите и случувањата. Тој тврди дека немал такви овластувања за да може да биде одговорен за пропаста на банката.
Во интервју кое за Фактор го даде Трифун Костовски кон крајот на минатата година, тој рече дека неговите други бизниси, освен банката за која и тогаш беше познато дека не е во добра кондиција, се во добра состојба.
„Останатите бизниси се во добра кондиција. Бањата е профитабилна (се мисли на Негорски бањи-н.з.), „Култура“ е профитабилна, Еуролинк осигурување е профитабилен (интервјуто беше правено пред продажбата на Еуролинк осигурување – н.з)., единствено банката се соочуваше со проблеми, кои претежно се должеа на лоша кадровска политика и лоша изложеност на банката. Меѓутоа, и тоа го надминуваме. Имаме нов менаџмент, кој апсолутно работи согласно нашите цели кои ние ги зацртуваме заеднички. Сметам дека во догледно време банката ќе застане на нозе и ќе биде многу сериозна и стабилна банка“, изјави тогаш Трифун Костовски, мислејќи за очекувањата што ги имаше од Горан Трајковски, последниот директор на банката, за кого и на последната пресконференција имаше само пофални зборови.
А ако се пребара на интернет, може да се види дека Емил Ханџиски бил управител на ГОФИ и во 2009 година, кога во интервјуто кое го дал за неделниот весник Глобус зборувал за инвестициите на семејствто Костовски во македонската економија.
Компaнијата ГОФИ, според неговото тогашно тврдење, „веќе девет години активно инвестира во македонската економија. Преку начинот и обемот на своите инвестиции, ГОФИ несомненно докажа дека е еден од најголемите и најсериозни странски директни инвеститори во земјата“.
На прашањето тогаш поставено од новинарот – колку и каде се има инвестирано ГОФИ во Македонија, Ханџиски одговорил дека ГОФИ е еден од најголемите директни странски инвеститори во земјава.
„Во изминативе девет години инвестиравме над 150 милини евра. Инвестиравме во различни сектори, како што е финансискиот (преку „Еуролинк“, „Еуростандард банка“ и „Еуролизинг“), во производствениот (преку „Керамика Нова“, „Еуроленд“, „Декамел“), во фармацевтскиот (преку „Фармакорп“ и „Градски аптеки“), во сферата на услугите („Негорски Бањи“, „Еуронетком“, „Кермес“, „Култура“) и други“, изјавил тогаш во интервјуто Ханџиски.
А неодамна, бизнисменот Костовски рече дека ако стечајната постапка на неговата банка се води правилно, ќе има обесштетување за сите клиенти.
Тој, исто така, упати јавен повик до повеќе институции и личности во земјава, со барање да се вклучат во истрага околу стечајот на Еуростандард банка, за која уверува дека изобилува со многу недоследности.
Јавниот повик беше упатен до претседателот на Собранието Талат Џафери, до Обвинителството за организиран криминал, до Антикорупциска комисија, како и до Министерството за внатрешни работи.
Претходно, пак, бизнисменот Костовски ги повика сите чинители да му помогнат НБМ да ја повлече одлуката за стечај врз банката, нагласувајќи дека за неа има сериозен купувач.
А стечајниот управник Душко Тодевски неодамна ги извести сите што имале депозити во банката, дека нив не мора да ги пријавуваат, бидејќи тие податоци ги има, а оние физички и правни лица што имале други побарувања, а кои не се депозит, треба да се пријават најдоцна до 7 септември.
izvor faktor.mk