Општина Илинден доби нови контејнери за стаклен отпад

Општина Илинден стана првата македонска општина која беше опфатена од регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“. Со цел зајакнување на отпадната инфраструктура и овозможување полесен пристап до соодветни канти за селекција на стаклен отпад, беа поставени нови 18 контејнери за стакло на повеќе локации во општината.

Во рамки на проектот општина Илинден во 2020 година од Пакомак веќе доби 10 контејнери, кои се поставени. Тако што со добиените 10 контејнери од Пакомак уште во 2019 година општина Илинден  веќе ја има обезбедено оптималната бројка од 38 контејнери за собирање стакло, кои се поставени на различни локации. Оваа бројка може по потреба да биде и надополнета и зголемена по завршување на проектот.

Регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“, во земјава се реализира со поддршка на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), Пакомак и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), а се спроведува истовремено во три држави: Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.

Целта на овој проект е преку соработка и воспоставување на синџир на вредности за селективно одложување и рециклажа на отпад од стакло да дејствува кон едукација на граѓаните за важноста за селектирање на стаклото, зголемување за 20% на собраните количини на стакло споредено со 2020, спроведување обука за јавните комунални претпријатија, како и развивање на три нови бизнис модели (урбан, рурал И Хорека) со кои ќе се поттикнат општините да бидат поефикасни во собирањето на стакло и неговото рециклирање.

На потпишувањето на договорот за примопредавање на контејнерите за одложување на стакло беше присутен градоначалникот на Општина Илинден, кој потврди дека овој проект е од огромно значење за локалната заедница и напомена дека е горд што токму Илинден е една од првите две пилот општини каде се поставуваат овие контејнери. Со ова ќе им го олесниме на граѓаните процесот на одлагање стаклен отпад, а што севкупно ќе влијае кон намалување на дивите депонии и обезбедување поздрава животна средина за сите. Правилно собраното стакло во европски рамки, а и пошироко, веќе не претставува отпад туку скапоцена суровина, истакна Жика Стојановски, при обиколка на една од локациите каде беа поставени контејнерите.

Пред присутните се обрати и директорот на ЈКП Игор Филиповски кој посочи дека комуналното претпријатие како нов сопственик на овие контејнери ќе се грижи за нивно одржување и ќе ги спроведе сите активности потребни за успешно спроведување на овој проект.

Фактите се на страната на рециклирањето. Стаклениот отпад се разложува многу бавно и доколку не е соодветно одложен, може да стои на депониите со години. Затоа на рециклирањето се гледа како на многу ефективно решение, бидејќи со рециклирање на само едно стаклено шише, се заштедува доволно енергија за еден компјутер да работи 25 минути или пак една 100-ватна сијалица да свети цели 4 часа. Притоа, рециклажата на стакло заштедува 40% од енергијата која е потребна да се создаде нов стаклен сад.

Во рамките на проектот „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“ е предвидено поставување на нови контејнери за одложување на стаклен отпад уште на неколку локации во трите земји-учеснички. Подоцна овој месец, нови контејнери за стакло, т.н. „ѕвоно“, ќе добие и Општина Штип.

Translate »