Снежана и Богоја Китанчев: Шкотска ни ги додели титулите Леди и Лорд

Постојат овластени агенции во таа земја, кои продаваат парцели. Со секоја купена парцела автоматски стануваш носител на овие титули – појаснува брачната двојка.

Во семејството на Снежана Пачовска Китанчев, уредничка на утинската програма на МРТВ, најубавиот период од годината започнува кон средината на декември. Магијата што ја носат новогодишните и божиќните празници им го исполнува домот. Заедно со сопругот Боби ќерката Јована (20) и синот Петар (16) учествуваат во китењето на елката и во декорирање на домот. Сијаличките и украсите, им ја будат надежта дека следната година ќе биде подобра од претходната. А, годинава, за волја на вистината, и тоа како ни беше потребна таква надеж. На сите.

-Под елката која е задолжителен декор, кон крајот на декември се множат подароците.Но, правилото е дека не смеат да се отворат пред први јануари. Кога децата беа мали, моравме да се будиме рано и да ги оставаме подароците под елката. Сега го усвршија трпението, па не ги чепкаат. Се трудиме тоа да биде изненадување, иако ние како родители одоколу се обидуваме да дознаеме што би сакале децата – открива Снежана и дополнува дека првиот подарок под елката стасал уште на 21 декември.

-Прописно спакуван во црвена обвивка со зелена машна.На него картичка – за мама и тато. И нормално, подарокот стоеше под елката се до први јануари.Како минуваа деновите, бројот на подароците се зголемуваше.Тој, првиот, остана најдолу, поклопен со еден куп други подароци – посочува таа.

НАЈУБАВ НОВОГОДИШЕН ПОДАРОК

Кога почнале да ги отвараат подароците на први јануари, за Снежана и Боби најважно им било децата да бидат среќни и задоволни.

-Потоа го извадив од под елка подарокот што го купиле за нас.Обликот и тежината на спакуваното ме асоцираше смо на едно – слика. Додека ја вадев машната му реков на маж ми ,, Боби, ова е некоја карикатура, кој знае на што личиме,,. Децата само се смешкаа. Кога го отворив, прво не можев да сфатам за што точно станува збор. Читам прокламација, сертификат, нашите имиња, пред нив Лорд и Лејди. Почнав да се смеам. Си реков дека тоа е диплома за најдобри родители. Децата не гледаа со неверување и почнаа да ни објаснуваат дека не е баш така. Навистина ни купиле за подарок титули Лорд и Леди од Шкотска – посочува Снежана и појаснува:

– Постојат овластени агенции во Шкотска, кои продаваат парцели и со секоја купена парцела автоматски стануваш носител на титула. На прокламацијата стои број на парцела во областа Вигтауншир, со печат и потпис. Со секоја купена титула придонесувате за зачувување на шумските предели во Шкотска. Во зависност од тоа колкава парцела сте купиле, агенцијата има обврска да засади дрвја на таа парцела. Не ни се веруваше во тоа што го зборат, ама подарокот веднаш си доби почесно место во дневната соба – вели таа.

ИДЕЈАТА Е НА МОЈАТА ЌЕРКА КОЈА ГО ОБОЖАВА БРИТАНСКОТО КРАЛСТВО СЕМЕЈСТВО

Иницијатор за овој подарок е нејзината ќерка, вљубеничка во британската монархија. Утредента, пиејќи го утринското кафе, почнала да бара информации за необичниот подарок и дошла до голем број сознанија.

-Ова се титули базирани на историски шкотски земјопоседници и тие се нарекувале лордови и лејди.На парцелата што се купува не се плаќа данок на имот, затоа што со самото тоа се помага чувањето на природата и заштитата на шумите во Шкотска. Титулите не се дел од британското кралско семејство и немаат никакви права и обврски. Дури и не се наследуваат.Во повеќето случаи може титулата да си ја додадете во официјален документ. Не знам каков е случајот кај нас, но во некои земји тоа е можно. Немате право да градите на имотот во Шкотска без разлика колкаво земјиште поседувате, бидејќи станува збор за заштитено подрачје од прв степен. Дури наидов на податок дека вакви прокламации имаат многу познати личности од Америка, Австарлија, Турција, а и на балканот не е непознат овој вид на необични подароци. Во Македонија според тоа што го имам како податок ние сме први со тие титули – вели Снежана и заклучува

– Во секој случај, без оглед што станува збор за сувенир или необичен подарок, убава е идејата што некој се сетил да ја зголеми свеста за екологијата и заштитата на шумите во Шкотска на овој начин. Нам и онака титулите не ни значат. Единствено дома, кога се шегуваат децата ни се обраќаат со лорд и лејди или пак знаат да се поклонат.Луѓето што се здобиле со титулата лорд или леди се среќаваат во мај секоја година. И веќе имаме зацртано во агендата, во 2022 год да одиме во Шкотска. Се надевам дека до тогаш ќе ја снема пандемијава и ќе може да се патува – заклучува Пачовска Китанчев. 

Во Англија, титулата лорд односно леди преминува од татко на син, односно ќерка, додека во Шкотска овие титули се засноваат на сопственоста на земјиштето“. За да се стекнат, се поднесува апликација. По завршувањето на продажбата се пополнува формулар, кој се испраќа во Шкотска. Откако ќе се испита формуларот, се прави меѓународна регистрација и се испраќа сертификат. Цената за лорд или леди изнесува 105 фунти

Соња Алексоска Неделковска

Zenski Magazin

Translate »