За една година во стопанството поделени речиси 40 илјади откази!

Речиси 40 илјади работници е разликата на пазарот на труд во март годинава во однос на истиот месец лани. Официјалните податоци велат дека на крајот од првото тромесечие годинава невработени биле 145.327 граѓани, а лани во истиот период бројот на невработени изнесувал 107.732 лица. Од власта велат дека со актуелните, но и со нови мерки бројот на невработени ќе се намалува и работниците ќе се вратат на своите работни места. Стопанствениците пак се скептични дека во блиска иднина тоа може да се случи.

Најголем број на невработени лица во март годинава има пријавено во Центарот за вработување во Скопје и тоа 28.112 граѓани. Податоците велат дека нешто над 20 илјади невработени се од градските средини, а близу осум илјади работници кои ги изгубиле работните места се од руралните места на главниот град. Кога ќе направиме споредба со март минатата година може да се забележи дека бројот на невработени е зголемен за близу девет илјади граѓани. Март е месецот кога во светот лани беше прогласена пандемија, а во земјава со забрзано темпо кризата го напаѓаше целокупното општество. Оваа анализа ја продолжуваме со вториот град по бројот на пријавени невработени лица, а тоа е Тетово. Во градот под Шара во март годинава се евидентирани 19.057 невработени лица. Интересно за овој град е дека поголем дел од невработените се од селските средини или нешто над 10 илјади, а останатите се од градската средина на Тетово. Во однос на минатата година, бројот на невработени се зголемил за дури шест илјади лица. Следува Куманово со 15.470 невработени лица кои се пријавени во општинскиот центар за вработување, и тука има сериозно намалување на работната сила на пазарот на труд и тоа за  дури три илјади лица. Првата петорка на општини по бројот на невработени во март ја сочинуваат Гостивар, со нешто над 10 илјади невработени лица и Прилеп, каде се пријавени осум илјади лица кои останале без своите работени места.

Властите сега најавуваат дека работат на мерки кои ќе ги вратат работниците на своите работни места. Оперативниот план за вработување за 2021 година, но и екомонските пакет мерки велат дека ќе дадат резултати и ќе придонесат за отворање на нови работни места. Според владата, во Оперативниот план за вработување за годинава, предвидени се близу 25 милиони евра или тоа се 4 милиони повеќе од претходната година, и  во своите програми ќе ги опфати сите оние кои за жал во оваа светска криза ги изгубија своите работни места. Од Владата посочија дека освен шести пакет мерки се подготвува и седми со што тврдат дека помошта кон стопанството ќе продолжи и во периодот што следи.

„Императив ќе ни биде да излеземе од кризата со најмалку можни последици што значи да ги зачуваме сите работни места, но и да работиме да ги вратиме на пазарот на труд и тие кои ќе ги загубат своите работни места. Го спроведуваме петтиот пакет на економски мерки, а веќе излеговме и со шести. Ако е неопходнио ќе следи и седми пакет за одредени дејности. Размислуваме, разговараме и гледаме можности дали и каков би требало да биде следниот пакет на поддршка“, велат од Владата.

 Од бизнис секторот се загрижени околу состојбата со одржувањето на работниот кадар. Велат дека раст и развој на деловната активност и отворање на нови работни места се цели кон кои се насочени сите деловни субјекти. Но додаваат дека состојбата на терен покажува дека деловната активност се уште е во фаза на стагнација, односно на пазарот не се создадени услови за враќање на бизнисите на ниво на кое беа пред кризата, ниту пак има услови за нивно проширување.

„Иднината е се уште неизвесна, а деловното окружување нестабилно. По сузбивањето на здравствената криза, олеснување на рестриктивните мерки и проширување на опфатот со имунизација ќе може да се разгледуваат и дискутираат најдобри решенија кои ќе може да придонесат за отворање на нови работни места. Во однос на најавите за враќање на вработените кои ги изгубиле работните места за време на кризата преку владини програми, очекуваме повеќе детали по што ќе може да го соопштиме и нашиот став“, велат од Сојузот на стопански комори.

Инаку месец март годинава беше дополнително тежок за стопанството бидејќи компаниите и работниците ги чекаат субвенционираните плати од државата. А пак тие беа во заложништво на политиката и заглавени во собраниските процедури. Законите од петтиот пакет мерки се донесоа на крајот на април, а до тогаш комапниите чекаа да аплицираат за плати за нивните вработени. Сега надлежните соопштуваат дека за фервруари државна помош за минимална плата побарале 11.900 компании во кои работат 38 илјади работници, а пак за март бројот се намалува и податоците велат дека државна помош од валадата побарале 11.300 фирми во кои работат 35 илјади лица.

Translate »