СЗО: Микропластиката во водата претставува минимален ризик за здравјето

Сегашното ниво на микропластика присутно во водата за пиење претставува минимален ризик за човековото здравје, но потребни се дополнителни истражувања за да се уверат потрошувачите, соопшти Светската здравствена организација.

Во извештајот објавен неодамна СЗО претстави синтеза на најновите сознанија за микропластиката во водата од чешмите и шишињата и ефектот врз здравјето на луѓето.

– Сакаме да ги увериме луѓето од целиот свет: врз основа на процените, тврдиме дека ризикот е сосем низок – изјави координаторот на Одделението за вода, хигиена и здравје во СЗО, Брус Гордон.

Тој додава дека здравствените ризици поврзани со микропластиката се однесуваат главно на три аспекти: дигестивен ризик, хемиски ризик и ризик поврзан со присуството на бактерии.

СЗО предупредува дека податоците за присуство на микропластика во водата за пиење засега се ограничени, истакнувајќи дека бројот на сигурни истражувања е мал, и дека тие тешко се споредуваат, што уште повеќе ја отежнува анализата на резултатите. Затоа, СЗО ги повикува истражувачите да спроведат подетални истражувања користејќи стандардизирани методи.


Фото: AFP

Агенцијата на ОН во соопштение истакна дека човечкото тело во принцип не апсорбира честички на микропластика поголеми од 15 микрони и дека апсорбирањето на помали честички треба да биде ограничено. Но, од друга страна, се проценува дека апсорбирањето на многу мали честички на микропластика, особено наночестички, би можело да биде поголемо.

– Кога станува збор за овие најмали честички, за кои податоците се навистина ограничени, треба да знаеме повеќе за тоа што се апсорбира и колкав е нивниот обем и нивното влијание – изјави Џенифер де Франс, експерт од СЗО и еден од авторите на извештајот.

– Микропластиката присутна во водата за пиење се чини дека не претставува опасност за здравјето, барем не на сегашното ниво. Но, мораме да го продлабочиме прашањето – изјави Марија Неира, директорка на Одделот за јавно здравје во СЗО.

Извештајот предупредува на можна опасност во иднина: ако продолжи фрлањето на пластиката во природата со сегашното темпо, микропластиката би можела да претставува голем проблем за водните екосистеми за сто години, што нема да биде без последица врз човековото здравје.

– Мораме да го спречиме зголемувањето на загадувањето со пластика низ целиот свет – истакна Неира.

Експертите ја потенцираат и важноста на пречистувањето на отпадните води, што овозможува отстранување на повеќе од 90 отсто честички од микропластиката присутни во водата. Во моментов голем дел од светското население сè уште нема систем приспособен за пречистување на отпадните води, тврди СЗО.

Алис Хортон, која ја истражува микропластиката во Националниот центар за океанографија во Британија, ги коментира наодите на СЗО: – Нема достапни податоци што покажуваат дека микропластиката претставува опасност за човековото здравје, но тоа не значи дека е безопасна. Важно е стравот од микропластиката во водата за пиење да се стави во контекст: во нашиот секојдневен живот, на сите страни сме опкружени со микропластика од најразлични извори, од кои водата за пиење е само еден извор.

Најголемата закана за човековото здравје се бактериите во водата што можат да предизвикаат смртоносни болести, особено во сиромашните земји, каде што нема пречистувачи на вода, соопшти СЗО.

Околу 2 милијарди луѓе пијат вода загадена со фекалии, што е околу милион смртни случаи на годишно ниво.

– Ова мора да биде фокус на креаторите на политиките низ цел свет – вели Гордон.

Translate »