TRIPNOCAST Е ЕДЕН ОД НАЈПОПУЛАРНИТЕ МУЗИЧКИ ПОДКАСТИ
Со нескриено задоволство ја споделуваме информацијата дека новото радио
шоу и подкаст на македонскиот продуцент и диџеј Tripnotic се појави на листите на
најпопуларни музички подкасти на светските сервиси за дистрибуција на аудио
содржини.
Tripnocast е првиот ваков проект на Филтер Лабел и претставува неделно диџеј
микс шоу во кое Tripnotic (проект на домашниот продуцент и диџеј Емил Хаџи-Панзов)
претставува избор од најдобрите нови изданија од електронската музика. За разлика
од неговите поранешни емисии, кои ги водеше на некои од комерцијалните радио
станици во Македонија, концептот на Tripnocast е поблизок до неговите клупски диџеј
настапи. Tripnocast претставува шеесет минутен диџеј микс, кој жанровски балансира
помеѓу хаус, техно, електро, бејс и брејкбит. Шпиците и џингловите за емисијата се
изработени во Велика Британија, во продукциска куќа која го работи дизајнот за некои
од најпопуларните англиски радио станици – BBC Radio1, BBC 1Xtra, BBC 6Music, KISS
FM, Capitol FM и други.
Ваквиот концепт на Tripnocast му овозможи да биде интересен за емитување
насекаде низ светот, па така емисијата веќе е дел од програмата на Scanner FM
Barcelona во Шпанија, Get Live Radio New York и KCOR Las Vegas во САД, Dance Radio
во Германија, Channel Music Radio во Франција, Loop Radio и Sine FM во Англија.
Од скоро, Tripnocast се наоѓа и на листите на најпопуларни подкасти на некои
од глобалните сервиси за аудио содржини. Podbean го вброи Tripnocast меѓу триесетте
најпопуларни музички подкасти, заедно со микс емисиите на светските ѕвезди Hernan
Cataneo, Markus Schulz и London Elektricity, Player.FM го смести Tripnocast на листата
на најдобри диџеј подкасти, додека на платформата Apple Podcasts рејтингот на
Tripnocast e максимални 5.0.
Нова епизода од Tripnocast може да се слушне секој четврток на сите
позначајни подкаст сервиси. Избор од поголемите може да најдете на следниов линк
https://filterlabel.podlink.to/tripnocasting