Владимир Бошњаковски: Триумфи и катастрофи, изговори и обвинувања – Договорот од Преспа и што понатаму?
Перфектен или катастрофален договор ?
Конечното заклучување на процесите околу спроведувањето на нашата главна обврска од т.н. Договор од Преспа претставува момент којшто несомнено – на еден или на друг начин – ќе биде запаметен во историјата на нашата држава. За еден дел од населението овој момент е триумф и една од ретките светли точки во дваесет и седум годишниот развој на нашата држaва. Според други, овој момент е еднаков на тотален пораз и дури престанок на постоење на државата.
Непристрасни и јасни оценки на вака големи кулминации од животот на една држава може да се даваат од една историска дистанца од барем 20 години. Денес, секој обид да се даде една финална пресуда би бил дисторзиран од набојот на страстите на населението и мотивот на политичарите да ги спасат своите кариери. Додатно, тоа би било и глумење на пророк, затоа што успехот или неуспехот на нашата држава не зависи од овој договор, туку од многу политички, економски и безбедносни прашања на коишто колективно треба да дадеме одговор.
Кој е крив ?
За жал, тие што треба да ги дадат овие одговори, се премногу зафатени со други работи. Така, најголемите партии се’ уште се обвинуваа за тоа кој е крив што државата беше толку притисната до ѕидот, па да мора да го менува своето име. Кампот на ВМРО-ДПМНЕ барем декларативно се бореше за спречување на имплементацијата на договорот, со обвинувања за предавства и врз основа на тезата дека било можно да се постигне подобар договор. Спротивниот табор обвинуваше дека моменталната власт морала да прифатат еден ваков договор, затоа што нивните претходници сериозно ја влошиле преговарачка позиција на нашата држава. Двете тези се тотално погрешни. Вистината е дека нашата преговарачка позиција никогаш не била поповолна, но и дека во догледно време таа нема да се зајакне.
Пред сè, се наоѓаме во уникатен момент каде што со Грција владее партија, којашто го нема ставот на ПАСОК или Неа Демократија. За последниве две, кој било компромис според кој Грција би прифатила какво било користење од наша страна на терминот Македонија – со или без географска одредница – претставува национална катастрофа. Ништо од ова не е во насока дека кој било има право да бараат промена на името на една самостојна и суверена земја, но сметам дека во последните години доста добро научивме дека во меѓународните односи нема право туку само позиција и моќ.
Од друга страна, заострената атмосфера која ја креираше претходната власт им ги отвори очите на западните сили за последиците од понатамошната блокада на нашите евроинтеграции. Парадоксално, разочараноста од блокадата, водеше до дестабилизација на регионот и зголемено влијание на други сили, па така и до зголемен интерес за надминување до проблемот. Додатно, т.н. провокации во форма на референците кон античката историја креираше простор за моменталната власт да прави отстапки. Така, доколку автопатот или аеродромот не се викаа Александар Велики, власта ќе требаше да жртвува нешто друго во знак на добра волја и компромис.
Дали некој има сериозен план за иднината ?
Ќе помине некое време, па меѓусебните обвинувања ќе станат непотребни и ќе бидат заборавени. Многу поопасни се поларизираните ставови на власта и опозицијата во однос на иднината. Власта форсира еден сентимент дека, сега кога спорот за името е решен, секој аспект на нашето живеење по автоматизам ќе го достигне стандардот на развиените западно европски држави. Тоа креира една многу опасна атмосфера на летаргија и неодговорност. Од Вашингтон, Берлин или Брисел, може да очекуваме и треба да бараме знаење или одредени средства. Сепак, никој нема од таму да дојде да ги среди болниците, загадувањето, нефункционалноста на институциите, нашата политичка култура или кој било друг проблем на нашето секојдневие.
Одредени фигури од опозицијата влегуваат во одредени води коишто може да бидат еднакво опасни. Тие тврдат дека нема да го признаваат овој договор и дека ќе се изборат за подобро решение. Во оваа фаза веќе не станува збор дали ќе го почитуваат договорот, туку уставните амандмани. Покрај сите мани во легитимитетот на процесот во којшто се носеа измените, тие денес се правна реалност. За какво било враќање во рикверц, ќе биде потребна поддршка од барем 80 пратеници. Сите сме свесни колку е нереално тоа да се случи. Истовремено, секој што се залага за вакво сценарио треба јасно да и ги објасни на јавноста политичките и безбедносните реперкусиите од еден ваков потег.
Каде лежи проблемот ?
Секогаш ќе претпоставувам дека луѓето имаат добри намери и дека сите наши политички лидери, со сите свои мани, имаат позитивни намери за иднината. Сакам да верувам и дека нивните јавно искажани заложби се искрени. Сепак, очигледно е дека моменталните политички елити не располагаат со реален човечки, стратешки и идеолошки капацитет да постигнат што било.
За ваквите состојби не сакам да обвинам ниту една индивидуа. Граѓаните секаде, но особено на Балканот, сакаат да ја персонализираат политиката и да кажат дека политичарите се криви за се. Реалноста е дека разликата меѓу успешните и неуспешните држави не зависи од лидер или партија, туку од постоењето на силни институции, кохерентни вредносни системи и комплексни решенија за горливите проблеми. Премиерите и претседателите и самите се производи на едно општество или систем. Така ако некој смета дека сите наши досегашни лидери се лоши, треба да се запраша зошто нашиот систем континуирано креира неспособни или корумпирани лидери.
Ништо од горенаведеното не ме прави песимист. Напротив, сигурен сум дека со едно паметно и храбро раководење со државата можеме да создадеме услови за забрзано да се приближуваме до стандардот на развиените држави. Во суштина верувам и дека при промена на геостратешките околности во регионот дури би можеле да го репреговараме односот со Грција. Но, за да се случи тоа, мора да зацртаме јасни приоритети, како и да обмислиме стратегија и механизми за долгорочно остварување на истите. Ништо од ова нема да се случи поради едноставна кадровска промена во врвот на власта или некое министерство. Активистите од Шарената Револуција најверојатно ова најдобро го знаат.
Заклучок во форма на вовед
Воден од сите размислувања коишто беа погоре изнесени, во целата оваа бура на емоции, обвинувања и спинови решив да се занимавам со давање на еден мој придонес за подобрување на јавниот дискурс во насока на дискусија за реалните приоритети на нашето општество. Воедно тоа ќе ми помогне мене да ги воведам во еден прегледен ред сите мои размислувања во однос на прашањата коишто ги сметам за исклучително важни за нашиот сеопшт социоекономски развој.
Со цел на еден разбирлив и систематски начин да ги презентирам своите ставови, моите излагања ќе ги поделам во шест текстови, коишто ќе ги објавувам на исти начин како овој текст и тоа во интервал од две недели. Темите ќе бидат: Економска Политика, Јакнење на Институциите, Образование, Позиционирање на Глобалната Арена, Етнички Прашања и Системот на Креирање и Регрутација на Лидери. Не постои хиерархиска надреденост на овие прашања, ниту пак јасна поделба. Сите тие се еднакво важни и нераскинливо поврзани едни со други. Ги избрав овие теми затоа што сметам дека тие се предуслов за успешно справување со кој било друг проблем. Така, ако немате добра економија, нема да имате пари за добро здравство или еколошки мерки. Ако немате стратешки партнери, нема да имате добра позиција во однос на кое било меѓународно прашање.
За крај, сакам да се потсетам на цитатот на еден голем прусиски државник. Така, во една дебата за време на процесите околку обединувањето на Германија, Ото вон Бизмарк на своите ораторски талентирани опоненти им рекол дека „големите прашања на денот нема да се решат со говори или гласања во парламентот, туку со железо и оружје.„ За среќа денеска тоа не треба да одиме во такви екстреми, но сепак ни е потребна стратегија, макотрпна работа и жртвување. Проблемите нема да се решат со лажни претстави за ветената европска иднина или со читање драматична поезија. Колку и да се интересни тие работи само ни го одвлекуваат вниманието од вистинските прашања.
Авторот е правник, магистер по меѓународно право и долгогодишен политички активист