Грција е “на нозе”! Дали и на Македонија ѝ се заканува нов мигрантски бран?

Голем број на чамци со мигранти пристигнале во текот на вчерашниот ден на грчкиот остров Лезбос, што е прво такво масовно доаѓање на мигранти од Турција во последните три години.

Поради ваквата ситуација, грчките власти го повикале турскиот амбасадор на разговор. Во 2015-та година кога беше врвот на мигрантската криза, грчките острови беа преплавени со мигранти, меѓутоа нивниот број драстично се намали откако Европската унија постигна договор со Турција во 2016-та година за сопирање на мигрантскиот бран.

Од 56-те илјади мигранти кои што пристигнале во Европа оваа година, половина од нив пристигнале во Грција, а таа бројка во последниот период пораснала, по што постои загриженост бранот да ја зафати и Македонија, односно мигрантите преку Македонија да се обидат да стигнат до западноевропските земји како и во 2015-та година.

На Лезбос пристигнале 16 чамци со 650 мигранти, од кои 13 во помалку од еден час, по што се вклучи алармот во Атина.

Најголемиот дел од мигрантите ќе бидат сместени во кампот Морија, најголемиот прифатен центар во Европа, каде што моментално се наоѓаат четири пати повеќе мигранти од предвиденото. Моментално таму има 10 илјади мигранти.

Грција на островите има пет прифатни центри и сите се пренатрупани. Во нив има повеќе од 25 илјади мигранти. Грчката влада порача дека ќе биде забрзана процедурата за обработка на барањата за азил со цел да се ублажи ситуацијата.

Translate »