Македонски стартап создаде специјална машина за собирање и дробење отпад од лозови и овоштарски гранки

Во нашата земја постојат иновативни и храбри претприемачи кои го прифаќаат ризикот и се решаваат за сопствен старт-тап бизнис. Гоце Јоновски од Росоман со компанијата ГОТЕХНИК е еден од нив. 

Неговата иновативна компанија тестира втор прототип на приклучна машина со контејнер за собирање и дробење на лозови и овоштарски гранки.

Целта на примена на овие приклучни машини е да се култивира отпадот кој понатаму може да се третира како енергенс – биомаса.

Примената на овие машини ќе значи социо-еколошки и економски придонес во општеството. Овој енергенс може да се користи во индустриска намена – когенерација, доработка на отпадот во производство на пелети и брикети како и во директна индивидуална примена за греење.

  1. Кажете ни нешто повеќе за оваа машина. Како работи, што е иновативно кај неа, и што овозможува?

Ова е приклучна машина која е од редот на дробилки за рециклирање на отпад, во случајот гранки од лозови и овошни насади. Се погонува од влечна машина – трактор и рециклирањето (дробењето) е непосредно на плантaжите. Иновативноста на овој  прототип е во самиот механизам за дробење, обликот формата на ножевите и претставува подобрено техничко решение кое овозможува намалена потрошувачка  на влезна енергија.

  1. Од каде идејата за неа, и колку време ја развивавте?

Идејата за создавање на машината доаѓа од примената на биомасата како енергенс. Од потребата да се рециклира овој вид на отпад, и поради заштита на животната средина. Употребата/ користењето на биомасата е универзална и позната од многу одамна. Многу напредни општества ширум ЕУ па и во светски рамки имаат развиено системи за користење на овој енергенс, пред се во индустриска цел.  Конкретно, овој прототип е креиран како 3Д модел од 2017г.и физички изработен како прототип и во повеќе наврати тестиран.

  1. За кого е наменета оваа машина, кој може од неа да има корист?

Машината е наменета пред се за постоечките земјоделски стопанства кои можат најбрзо да се впуштат во овој процес на рециклирање бидејќи имаат влечна механизација и персонал. Како втора опција може да бидат новоосновани друштва кои би се занимавале исклучиво со оваа работа – рециклирање на отпад. Секако, потребно е да се воспостави систем на работа и примена на овој отпад(биомаса)за да покрај еколошки аспект, да се воспостави и економски одржлив принцип на работа.

  1. Бенефитот е економски, но и еколошката димензија е силно истакната. Токму тоа беше причина ФИТР да го поддржи овој проект. Што е потребно за негова помасовна примена?

Најпрвин треба да се препознае значењето од третирањето на овој отпад како од социо-еколошки така и од економски  аспект, на индивидуална и колективна и општествена основа,  да се подготви проформа за интегриран пристап на дејствување и одржливост.

  1. Дали ваква машина има во регионов, и дали има извозен потенцијал?

Според моето сознание во регионот нема ваков тип(вид) на приклучна машина, на ниво на Европа постојат производители  од  Италија и Шпанија. Според мене, треба  да се воспостави практика за користење и третирање на овој отпад, а паралелно машината да  се понуди и надвор од Македонија.

  1. Кои се вашите очекувања на краток рок?

Очекувањата се дека ќе постигне консензус  т.е  интерес од третирање на овој отпад за јасно дефинирана цел а со тоа и иницијално производство на овој тип  машини.

Translate »