Мицкоски упати три барања до власта на протестот против поскапувањето на струјата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи на денешниот протест против поскапувањето на електричната енергија, упати три барања до Владата, за кои рече дека треба да одговорат во наредните денови.

„Прво барање – враќање на старата цена на стујатата преку намалување на тарифата на универзалниот снабдувач;

Второ барање – викенд без ДДВ во септември како што беше ветено пред изборите;

Tрето барање – професионализација на регулаторната комисија за енергетика со надпартиски кадри“, посочи Мицкоски.

Тој во говорот одговори и за прозивките од портпаролите на СДСМ за тоа кој ги плаќа овие протести.

„Ова е честит народ кој веќе не може да ги трпи неправдите и затоа излезе на улица“, објасни Мицкоски.

Тој го посочи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, како директно одговорен за покачувањето на цената на струјата и рече дека тој и слугува на мафијата на власт.

Мицкоски порача дека отпорот и протестите ќе продолжат се додека мафијата на власт не биде детронизирана, зошто како што рече, на власт дошла преку поткупени избори.

„Ќе не има насекаде низ цела Македонија, нема назад, нема повлекување. Народот е заситен и не може веќе да трпи, затоа излегува на улица“, порача Мицкоски, на првиот од серијата најавени протести на ВМРО-ДПМНЕ.

Translate »