Владата бара од регулаторна да воведе дневна ефтина струја
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои информацијата во врска со воведување евтина дневна тарифа на електрична енергија за домаќинствата. Како што соопшти владината прес-служба, на седницата одржана вчера донесена е одлука да се даде препорака на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија веднаш да одржи работен состанок, со вклучување претставници на ЕВН Македонија АД Скопје, Министерство за економија и Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори и во рок од седум дена да подготви анализа за повторно воведување на дневната ефтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата и измена на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на домаќинства и мали потрошувачи. – Владата на РМ е убедена дека со оваа одлука ќе се направи голем исчекор кон подобрување на еконоската состојба на граѓаните на Република Македонија, а истовремено ќе се поттикне домаќинско работење во јавните претпријатија, стои во соопштението.