Германски историчар за апсурдот на Бугарите кон македонскиот јазик и нација: Тоа е како Германија да им рече на Австријците дека се Германци…
Бугарија овие денови најави дека ќе го блокира отворањето на пристапните преговори на Македонија со Европската унија доколку инсистираме на македонскиот јазик и идентитет.
„Пристапните преговори на Северна Македонија ѝ дава драгоцена прилика за да раскине со идеолошкото наследство и пракса од комунистичка Југославија. Процесот на проширување не смее да го легитимира етничкиот и јазички инженеринг кој се одвивал во поранешните авторитарни режими“, стои во бугарскиот Меморандум испратен до сите земји членки од ЕУ.
Според бугарскиот апсурден Меморандум, на луѓето кои живеат на оваа територија „им бил испран мозокот за време на комунистичкиот режим на Тито во поранешна Југославија“ и во тој процес го добиле „македонскиот“ идентитет и јазик.
Како земја членка на Европската Унија, Бугарија сега има голема предност во однос на нашата земја и има намера да ја искористи, оценува „Дојче Веле“.
Професорот Улф Брунбауер кој ја води катедрата за историја на југоисточна и источна Европа на Универзитетот во Регенсбург, вели дека Меморандумот е начин на кој Бугарија врши притисок со наметнување на националистички поглед на историјата и културата на еден цел друг народ и држава.
„Тоа би било како Германија да им рече на Австријците дека се Германци, или пак како Данска да им рече на Норвежаните дека се аномалија затоа што некогаш биле дел од нивното царство и нивниот стандарден јазик подоцна се развил и одвоил од данскиот“, изјави Брунбауер за „Дојче Веле“.
За време на Втората светска војна, историски факт е дека Кралството Бугарија било дел од Осовината и ја окупирала територијата на денешна Македонија. Сосема јасно, македонската историја овој период го нарекува „бугарска фашистичка окупација“.
Во времето кога една Германија се срами и јавно се извинува за злосторствата кои ги направиле Нацистите, во 21-ви век Бугарија не само што не сака да се извини, туку и бесрамно бугарските историчари тврдат дека „ги ослободувале браќата на западот“. Во декларацијата која бугарскиот парламент ја усвои минатата година, Софија побара од нашите власти да престанат да ја користат синтагмата „фашистичка окупација“ и сето тоа да биде избришано од учебниците.
Бугарија како сојузник на Хитлер е одговорна за бројни масакри над македонското население за време на Втората светска војна, како и за депортација на илјадници Евреи во нацистичките Концентрациони логори, а дали ќе побараат бришење и на тие историски факти, ќе покаже времето.