Филипче: Состојбата со вирусот се влошува, можно е задолжително носење маски на отворено…
Се влошува состојбата со ширењето на корона вирусот и размилсуваме за воведување на нови превентиви мерки кои ќе бидат преземени доколку се покаже потреба, изјави денеска Венко Филипче, министер за здравство.
Тој рече дека како и во другите земји така и кај нас се влошува состојбата со Ковид-19 и дека земјите веќе преземаат одредени мерки.
–Следните денови ќе информираме за можни нови мерки, а дел од мерките кои ги разгледуваме задолжително носење маски на отворено, ограничување на бројот на маси во угостителски објекти, ограничен број на луѓе во угостителски објекти и ограничен број на луѓе при групирање, прецизен протокол за работа на угостителските објекти, евентуално намалување на капацитетот на јавниот превоз. Целта ни е да ги избегнеме рестрикциите на движењето, но доколку треба, ќе ги воведеме, рече Филипче.
Тој објасни дека ова ќе значи дека секое лице кое се движи на отворен простор ќе треба да носи заштитна маска. Таква е пракса која се применува во Јапонија.
-Во однос на бројот на луѓето во објекти предвидуваме да се ограничи бројот на луѓе кои ќе седат во објектот. Односно, да нема места за стоење што беше извор на ширењето на вирусот до сега. Така, внатре објектот би можел да биде полн до 30 проценти а надвор до 50 проценти, објасни Филипче.
Тој рече дека овие мерки ќе се преземат ако продолжи непочитувањето на постоечките мерки.
-Ако се почитуваат постоечките мерки тие се доволни како превентива, но проблем е што имаме непочитување, потенцира тој.
Според анализите на Комисијата за заразни болести до 19 септември најголем број заболени има во Скопје, Куманово, Тетово и Штип, а Штип е со најголема инциденца.
Најприсутен е вирусот кај возрасната група од 30-39 години, што значи ги напаѓа и помладите и поздрави луѓе.
-Видовме тешки форми на болеста, кои се многу комплексни. Вирисот е многу непредвидлив. Нема фактор кој укажува во која насока ќе се развива вирусот. Никој до сега не се соочил со ваква болест. Протоколите се идентични, најтешки пациенти се праќаат во Скопје. Пратиме препораки кои излегуваат во меѓувреме, внимателни сме во нивна примена. За смртноста на пациентите дозволете да заврши анализата па да излеземе со податоци, рече Филипче.