Почина волонтер кој ја примил оксфордската вакцина
Бразилската здравствена служба „Авсиса“ објави дека волонтер кој примил вакцина за коронавирус, која ја развија „АстраЗенека“ и Универзитетот во Оксфорд, почина во третата фаза од клиничкото испитување на вакцината.
Службата објави дека истрагата е во тек, пренесува Ројтерс.
Федералниот универзитет во Сао Паоло, кој помага во координирање за време на третото клиничко испитување во Бразил, соопшти дека починатиот волонтер е Бразилец.
За потсетување, компанијата „АстраЗенека“ и Универзитетот во Оксфорд стигнаа до третата фаза на тестирање на вакцината за коронавирус. Пред неколку недели, дополнителното истражување беше запрено, откако вакцината произведе „сериозни несакани настани“ кај учесниците во тестот во Велика Британија.
„Сериозен несакан настан“ значи реакција на вакцина што предизвикало хоспитализација, опасни по живот последици или смрт.
Паузите при тестирање на вакцината не се невообичаени, но сепак е удар за сите оние кои очекуваа вакцината да биде готова за неколку месеци.
Вирусологот од Оксфорд, Роб Ламкин-Вилијамс во јули тврди дека Велика Британија е многу близу до последната фаза од развојот на вакцината за корона и дека се надева дека вакцинацијата може да започне пред Божиќ
„Вакцината веќе се произведува на неколку локации во Европа и Америка и што е уште поважно, во Институтот за серум во Индија. Значи, глобалното производство на вакцината е веќе во тек, што ќе се користи доколку клиничките испитувања се покажат успешни “, рече тогаш Вилијамс.