Станови под кирија: Која општина во Скопје е најскапа за живот?

Нешто помалку од пет евра за квадратен метар е највисоката просечна кирија за стан постигната во државата во периодот од почетокот на март до крајот на јуни годинава. Тоа значи дека во тој период стан од 50 квадратни метри просечно земено се изнајмувал за 240 евра.

Просечна кирија во таа висина во Регистарот на цени и закупнини е запишана во скопската општина Центар, каде што секогаш е највисока и продажната цена на становите. Во Регистарот, во периодот од 1 март до 30 јуни се запишани 39 наеми на станови и на една куќа во Центар, што е најмногу во државата во тој период. Втора по висина на кирии на простор за живеење е скопската општина Гази Баба каде до средината на годинава се изнајмнувале станови по слична цена како во Центар. Така, просечната вредност за закуп на квадрат стан во Гази Баба според внесеното во Регистарот надминала 4,6 евра, што значи дека стан од 50 квадртати се давал под кирија за околу 230 евра. Ова е просечната цена постигната со изнајмување на само четири стана и една куќа во Гази Баба, што упатува на веројатноста дека тие биле полуксузни.

Од скопските општини според висината на киријата следна на листата е Карпош, каде во просек стан од 50-тина квадрати се издавал за 180 евра. Доста пониски закупи се регистрирани во двете подеднакво атрактивни општини за живеење во Скопје – Аеродром и Кисела Вода. Во Аеродром просечната кирија за стан од 50 квадратни метри изнесувала 120 евра, а во Кисела Вода само 107 евра. Во Аеродром се издадени под кирија 16 стана, а во Кисела Вода 12 стана и две куќи. Најниска кирија за стан на територијата на Скопје е забележана во Ѓорче Петров, каде ако се гледаат податоците од Регистарот на цени и закупнини, стан се изнајмува за речиси без пари. Односно, за трите стана што биле дадени под кирија во општината Ѓорче Петров во анализираниот перидот, постигната е просечан цена од малку над половина евро за квадрат, или поточно 0,6 евра, што значи дека просечен стан од 50-тина квадрати се рентал за само 30 евра! Тоа е осум пати помалку отколку во Центар, или во Гази Баба.

За разлика од овие три скопски општини, животот под киријна бил поскап во Куманово, каде стан од околу 50 квадрати се изнајмувал во проеск за околу 150 евра. Таму се издадени под кирија шест стана и една куќа. Во Битола просечната цена за наем на стан со просечна квадратура од 50-тина квадрати достигнала 116 евра, а во Струга просечната кирија за шесте изнајмени стана била само четири евра пониска.

Прилеп е соседна општина на Битола, но цели четири пати поевтина за оние кои живеат под кирија. Таму во вториот квартал се издадени седум стана, при што е постигната просечна цена од околу 1,2 евра за квадрат, што е околу 58 евра за стан од 50 квадрати.

Агентите за недвижности посочуваат дека во нашата држава становите најчесто се изнајмуваат на студенти, па затоа најбројни се закупите во скопските општини каде има факултети или во нивна близина, како Гази Баба, Центар, Кисела Вода, Карпош.

Стан или куќа под кирија често изнајмуваат и странци кои работат во Македонија, како и млади брачни парови, а поретко постари луѓе.

Инаку, во Регистарот на цени и закупнини во вториот квартал од годинава запишани се вкупно 669 закупи, што е за 214 повеќе во однос на претходниот квартал. Од сите трансакции со недвижнини 73 отсто се однесуваат на продажби, а 22 отсто на закупи на недвижен имот, односно станови, куќи, деловен простор, индустриски објекти, земјиште и слично.

izvor Skopje info

Translate »