Владата најавува повластена ДДВ стапка за занаетчиите и угостителите

Во Македонија има 5.400 активни земјоделци од кои 1600 се од Скопје. За сите нив од 1 Јануари следната година, според Владата, ќе почнат да важат неколку нови мерки за справување со последиците од коронавирусот. Една од нив е примена на повластена стапка од 5% за одредени занаетчиски услуги.

Во изјава за „Локално“, од Занаетчиската комора Скопје велат дека мерката е долгоочекувана бидејќи треба да ја намали актуелната нелојална конкуренција меѓу занаетчиите кои се ДДВ обврзници и оние кои се паушално оданочени.

„Претходното оданочување од 18% доведе до ситуација во која цената на услугата и производот на ДДВ обврзникот беше за 18% повисока од цената на занаетчијата кој не е “, велат во Комората.

Од нивна страна се разгледува и најавената мерка со која се одложува рокот за плаќање ДДВ заради ликвидносна подршка на компаниите. Не оставаат голем простор за оптимизам и не очекуваат видлив позитивен ефект пред се поради фактот дека корона кризата во догледно време се повеќе ги намалува шансите за подобрување на економската ситуација.

„Во периодот што измина, процентот на отворање на нови бизниси е скоро еднаков со процентот на затворање на занаетчиски бизниси. Занаетчиите се уште се обидуваат да ги одржат бизнисите ликвидни, што значи дека со сите сили се трудат да ги задржат, бидејќи од нив егзистираат нивните семејства, како и семејствата на вработените во занаетчискиот бизнис“, посочуваат во Комората.

Внимателна во подршката на мерките на Владата е и Независната Угостителска Комора. Категорични се дека нема да имаат бенефит од предложената одредба за повластена даночна стапка од 10% за продавање храна и пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци во угостителските објекти. Ова е спротивно од ветената одредба за линеарен данок на додадена вредност, велат од таму и нема да има ефект на кафетериите, клубовите, и дискотеките каде што се точат само пијалоци. Во иста положба ќе бидат и сендвичарите,бурекџилниците и останатите млечни ресторани кои во минатиот период работеа со 5% ДДВ.

„Ако се земе предвид дека во угостителството скоро 70% од приходите се остваруваат од пијалоци тогаш очигледна е манипулацијата која е планирана да се направи“, велат во НУК .

Не се многу задоволни ниту од одложувањето на рокот за плаќање на ДДВ заради ликвидносна подршка на компаниите.

„Самото одлагање ќе значи само натрупување на обврски кои ќе мора веднаш по завршувањето на пандемијата да се платат“, посочуваат во НУК.

Како поефикасна опција предлагаат 50% од обврската која треба да се плати, да им биде рефундирана со што угостителите би прикажувале поголеми приходи а со тоа и поголеми обврски по основ на ДДВ. Нивните пресметки покажуваат дека за опстанок на оваа индустрија и по завршувањето на здравствената криза,ќе биде потребна финансиска подршка од најмалку 25 милиони евра за да се задржат 35.000 вработени во 6.500 угостителски објекти.

Сепак, од Комората се категорични, ќе направат се за да не дојде до понатамошни откази.

„Пандемијата е нешто што можеби ќе трае со години, нашите навики во угостителството ќе исчезнат, а тоа значи дека ќе наоѓаме нови решенија за социјализација“, велат од Комората.

Translate »