Д-р Караџовски: Се наоѓаме во критична фаза, од која не може да се вратиме назад
„Не може нешто да е влошено во државата, а ние да молчиме и да не кажуваме. Доколку Македонија не сака најцрно сценарио, а ние сме подготвени и за тоа, мерките се веќе дадени, само треба да се почитуваат“, изјави епидемилогот и претседател на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски во интервју за МРТ.
Тој вели дека е разочаран од населението и лицата кои требало да покажат пример како треба да се однесува за време на коронавирусот.
-Луѓето во август и септември започнаа да одат на одмор, започнаа да одат на журки, забави, одмори… Плажите во Охрид беа преполни. Комисијата никогаш не дала дозвола да се организираат вакви настани. Моментално, ни се случува непочитување на мерките, не се носи маска, не се почитува дистанцата за време на кафе-разговорите и на се тоа ќе додадеме свадбите и погребите.Ние се наоѓаме во критична фаза, од која не може да се вратиме назад, во време кога апелиравме да се почитуваат мерките – изјави Караџовски, додавајќи дека најголем дел од заболените доцна доаѓаат на клиника, а, како што рече, десетина случаи починале на пат, влез или при самата хоспитализација на Инфективните одделенија.