Д-р Пановски во „Само вистина“: „Доколку не се почитуваат новите мерки за Ковид-19, дневно би имале по 100 смртни случаи“
Д-р Пановски во денешното гостување во емисијата „Само вистина“, даде своја прогноза за состојбата со коронавирусот во Македонија.
„Во Македонија до месец декември би имале околу 10.000 мртви од Ковид-19, односно секој ден би имало по 100 погреби доколку не се почитуваат мерките“, предупредува д-р Никола Пановски.
Пановски вели дека доколку претпоставиме дека имаме по 5.000 активни случаи, според вирулентноста на вирусот и доколку таа е 2-3, односно доколку еден заболен може да зарази двајца или тројца други луѓе, тогаш во следните три месеци би имале и повеќе од 10.000 заразени дневно.
Но, тоа е црното сценарио за кое што Пановски истакнува дека може да се случи доколку нема никакви мерки.
Пановски дава одговор и на прашањето како се лекувале тие 150, 200 луѓе дневно, доколку за оваа болест нема лек:
„Вирусните заболувања постоеле и пред воопшто да има некакви лекови, имало чаеви и тревки“, истакнува Пановски.
„Можеби тоа е погрешното. Не треба да кажеме се излекувал, туку оздравел затоа што луѓето оздравуваат сами. Не му е потребен лек на организмот, тој сам се бори со болеста“, додава д-р Пановски.

