Носењето маска на отворено ќе стане задолжително и со закон
Носењето маска на отворено ќе стане задолжително и со закон, а групирањата се ограничуваат
Повеќе од два и пол часа пратениците – членови на собраниската Комисија за здравство расправаа за само еден амандман поднесен на измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести. За овој Закон, што се носи по скратена постапка и чии измени се поврзани со мерките за справување со коронавирусот, пратениците од владејачкото мнозинство поднесоа пет амандмани, а амандмани имаат и Алијанса на Албанците и Алтернатива.
Расправата на Комисијата, во која власта и опозицијата влегоа во дебата за справувањето со коронавирусот и причините за зголемување на бројот на починати и болни, се очекува да продолжи по получасовната пауза поради почитување на протоколите за превенција од Ковид-19.
Во првиот амандман, којшто беше прифатен од страна на министерот за здравство Венко Филипче, како времени мерки се предвидуваат носење лична заштита на лицето и тоа: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природна на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично.
Исто така како времена мерка се предвидува и задолжително самоизолација при тестирање за корона вирус Ковид 19, забрана за групирање по домови на семејни прослави, слави и други собири во групи во одредени периоди од деноноќието, забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или која била површина на отворено во одредени периоди од деноноќието и други мерки утврдении со закон. Се предвидува овие времени мерки да траат додека постои опасност од ширење на епидемија, а за тоа кои мерки ќе се применат да одлучува Владата.
Амандманот предвидува насловот на Законот за заштита на населението од заразни болести да се смени и да гласи „изолација, здравствен надзор, карантин, превоз, задолжително лекување и времени мерки за спречување на внесување и ширење на заразни болести“. Исто така се предвидува лицата заболени од Ковид 19 задолжително да се лекуваат во јавните здравствени установи, а исклучок да биде по медицински индикации болните да можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, до колку за тоа постојат услови.
Приватните здравствени установи за да лекуваат пациенти од Ковид 19 треба да имаат согласност од Министерството за здравство дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија Доколку во ЈЗУ се исполнети капацитетите за лекување на болни од Ковид 19 по претходно дадена сосгланост од Министерството за здравство лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравстени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.
Министерот за здравство Венко Филипче изрази надеж дека пратениците ја разбираат потребата од носење на Законот, како и од амандманската интервенција и дека тоа е во насока на заштита на јавното здравје.
-Ние ги најавивме амандманите. Како се усложнуваше ситуацијата најпрактичен и набрз начин беше после поднесувањето на овој закон, да се интервенира со амандман, нешто што уредува носење маски на отворено и зголемување на ингеренциите на инспекциските служби како тоа ќе го пратат, рече Филипче.
Според него, седницата на Комисијата е „арена“ да се продискутира за законот и за амандманите.
-Имав средба со претставник на опозицијата и за многу ставови е дискутабилно да се дискутира, рече министерот за здравство, потенцирајќи дека ова е во насока на заштита на јавното здравје.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од министерот за здравство Филипче, како и тоа да биде прифатен нивниот предлог за формирање Државна комисија, но изнесоа и низа свои предлози и прашања поврзани со предложените измени и мерки, но и за заштита на здравствените работници. Дел од пратениците сметаат дека треба да има допрецизирање на амандманот во смисла кога ќе биде дозволено да не се носи маска на отворено, во однос на групирањето, времето кога ќе треба да се применуваат одредени мерки и друго.
Опозицијата исто така бараше одговор зошто Владата и Министерството за здравство амандамните ги доставиле пред почетокот на седницата на Комисијата, а според координаторот на пратеничката група Никола Мицевски некои од амандамните веќе биле предложени и од опозицијата.
Министерот за здравство Филипче реагираше на одредени забелешки на опозициските пратеници. Во делот на барањата за здравствените работници на пратеничката Олга Лозановска од Битола, и рече дека наместо владите на ВМРО – ДПМНЕ да вложуваат во Скопје 2014 можеле да ги подобрат условите во болниците.
Филипче исто така потенцира дека од почетокот на пандемијата има протоколи и мерки за одржување настани, а потребата за носење на лична заштита беше уредено со уредба за време на вонредната состојба.
Тема за дебата меѓу пратениците беше и одбивањето да биде потпишан заемот од Светска банка за болниците за ковид, но и за недостатокот на комуникација меѓу власта и опозицијата за мерките за коронавирусот, влијанието на загадувањето што деновиве се повеќе се зголемува и обвинувањата за негрижа од страна на власта.
Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести е на дневен ред на продолжението на 19. седница што претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за 14 часот, но очигледно дека седницата ќе започне многу подоцна.
На оваа седница на дневен ред се и измените и дополнување на Законот за инспекцијата на труд, измени на Законот за инвалидски организации, изменување и дополнување на Законот за научно-истражувачка дејност, по скратена постапка, но и измените и дополнувањата на Изборниот законик, по скратена постапка, поднесен од Сурија Рашиди и Никола Мицевски.