Срам ми е што сум премиер на држава со вакви затвори, изјави премиерот Зоран Заев по денешната посета на затворот „Идризово“. Заев ја посети казнено-поправната установа заедно со народниот правобранител, Иџет Мемети, и со извршната директорка на на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска.

Заев не го криеше разочарувањето од условите во затворот.

– Овде нема минимум услови за издржување казна… Срам ми е што сум премиер на држава со вакви затвори, со нехумани и супстандардни услови, под секое човечко достоинство. Јас сум за закон за амнестија, се надеваме дека што побргу ќе може да влезе во владина и во собраниска процедура – изјави Заев по обиколката на затворот.

Во „Идризово“, казна издржуваат 1.800 затвореници, а капацитетот на затворот е за 800 луѓе, додаде премиерот.

Заев изјави дека Владата преку медиумите ќе се обиде да поттикне дебата во општеството за итно подобрување на условите во затворите.

Како една од опциите, за растоварување на пренатрупаноста во „Идризово“, тој ја наведе амнестијата на дел од осудениците, преку укинување на 30 отсто од вкупната казна или преку други методи за кривичните дела за кои постои таква можност, но, не и за тешките облици на криминал, како педофилија или злостроства против човештвото.

Заев рече дека за амнестијата веќе била почната дебата во институциите.

Премиерот, по посетата на затворот, наведе дека некои делови од „Идризово“ треба да се урнат бидејќи е невозможно да се реновираат.