Претседателот на Ерменија: Третата светска војна од хибриден тип веќе започна – Турција регрутира очајници за 2 илјади долари месечно
Ерменскиот премиер Никол Пашињан оцени дека во светот веќе е започната Третата светска војна која овој пат е од хибриден тип и се води преку посредници.
„Би рекол дека сме во хибридна Трета светска војна и дека таа војна се води против христијаните, муслиманите и против Евреите. Таа војна, на пример, дава глобално една погрешна слика за муслиманите“, изјави премиерот на Ерменија за германски “ARD”.
Екстремистичките организации за своите цели користат сиромашни луѓе без образование, во најголем број неписмени луѓе со локална перцепција на светот, оцени ерменскиот премиер.
„Тоа се случува во Нагорно-Карабах, тоа се случува во Виена и во Канада, во француските градови, тоа се случува и во Русија на нешто поинаков начин. Сето тоа ни укажува дека таа светска војна се води и против муслиманите. Таквите, необразовани, очајни луѓе, на пример се регрутираат во Сирија и им се всадуваат екстремистички идеи дека нивните непријатели живеат во Европа, во Нагорно-Карабах, во ЕУ, во Русија, тоа е сосема исто“, изјави Пашињан.
Тој смета дека улогата на Европа треба да биде позначајна кога станува збор за конфликтот во Нагорно-Карабах. Според него, претставници на Европската унија треба да го поддржат мировниот процес така што јасно и гласно ќе кажат кој ја предизвикал војната во Нагорно-Карабах и тоа кој испраќа платеници во овој регион.
„Јас знам дека Турција регрутира такви луѓе во делови на Сирија кои се под контрола на Анкара, ги префрла во Турција, а потоа од Турција се испраќаат во Азербејџан, по што одат во Нагорно-Карабах и добиват ветување дека ќе заработат 2 илјади долари месечно и бонус од 100 евра за секоја отсечена глава на Ерменец. Иран тоа со право го доживува како закана по нивната национална безбедност, но и многу други арапски земји“, порача премиерот на Ерменија.
Тој истовремено потсети и на турскиот геноцид над Ерменскиот народ во 1915-та година и заклучи: „Мене ми се чини дека Турција, 100 години подоцна, се обидува да ја продолжи таа геноцидна операција“.