Три важни причини зошто треба да се вакцинираме против сезонски грип

Здравјето не е само убав подарок во кој треба да уживаме. Баш напротив, треба редовно и правилно да се грижиме за нашето здравје за да уживаме во што повеќе среќни и значајни денови. Секоја година здравјето се соочува со добро познат противник кој често ја менува маската – сезонскиот грип. Тој, сам по себе, не звучи толку застрашувачки за младите и активни луѓе. Но, дали пропуштаме нешто?

Да, често забораваме дека овие млади и работоспособни луѓе се во контакт со нивните најблиски, родителите, поширокото семејство и пријателите. Тие се во контакт со деца и со бремени жени. Со роднини кои имаат хронични болести – некои од нив припаѓаат на критичните категории граѓани, кои имаат сериозни компликации секогаш кога ќе имаат допир со сезонскиот грип. А за некои од нив средбата со сезонскиот грип има фатален крај.

Нашиот живот е и онака доволно динамичен и полн со стресни моменти. Со редовна грижа за здравјето, може да бидеме спокојни барем на ова поле. Има многу причини поради кои треба да се вакцинирате против сезонски грип, но во овој текст ќе ги споделиме со вас само трите најважни.

  1. Ова е единствената докажана заштита против сезонскиот грип

Јадењето на свежо овошје и зеленчук полни со витамини и минерали е секогаш добра идеја. Исто така, препорачливо е да се избегнуваат групни собири и преполни јавни места, особено во текот на сезоната на грипови. Сепак, овие мерки не се доволни сами од себе за да се заштитиме од грипот.

Вакцините против инфлуенца до ден денес остануваат единствената превенција против инфлуенца. Секоја година, Светската здравствена организација ги проучува карактеристиките на грипот кои ќе преовладуваат во претстојната сезона и го обновува составот на вакцината за да ја направи што е можно поефективна. Истражувањата покажуваат дека вакцините против грип го намалуваат бројот на смртни случаи, потребата од интензивна нега во болниците и хоспитализацијата на пациенти во болниците. Може да заклучиме дека дури и ако се заразите со грипот откако ја имате примено вакцината, ризикот од компликации е многу помал и штетата која грипот може да ја предизвика е мала и скоро незабележлива.

Кој не би сакал да биде заштитен од напорните вируси? Покрај заштитата која самите ја добиваме со вакцинација, исто така се грижиме и за другите. Затоа, да преминеме на втората причина.

  1. Обезбедуваме пасивна заштита за оние кои ги сакаме

Во скоро секое семејство во Македонија има барем еден член кој припаѓа на ризичните групи граѓани:

  • бремени жени
  • луѓе со хронични болести
  • роднини над 65-годишна возраст

Со тоа што живеете заедно со нив, може ненамерно да ги ставите во ризик.

Инфлуенцата е исто така опасна за новороденчињата кои се премногу мали за да бидат вакцинирани и чие тело е кревко. Со вакцинирањето на родителите и роднините, бебињата ќе бидат позаштитени бидејќи нивните сакани им нудат пасивна заштита против грипот. Истото важи и за семејствата во кои има хронично болни луѓе и луѓе над 65 години старост.

  1. Тие се многу достапни, погодни за деца и за возрасни

Многу родители не ги вакцинираат своите деца бидејќи сметаат дека не постојат соодветни вакцини против грип за нив. Но вистината е дека веќе постојат такви вакцини кои можат да се користат на деца над 6-месечна возраст. Преглед кај матичниот доктор пред имунизацијата е сепак задолжителен и препорачлив.

Голем дел од пензионерите не се вакцинираат бидејќи едноставно не можат да си ја дозволат вакцината. За среќа, во 2019 година за првпат во Македонија беа набавени бесплатни вакцини за луѓето над 65 години, преку Националната програма за подобрување на превенцијата на сезонски грип. Во 2020 година, постарите луѓе кои беа дел од ризичните групи граѓани уште еднаш ја имаа шансата да се погрижат за нивното здравје со бесплатна вакцина против грип.

Добро е да се потсетиме дека луѓето со кардиоваскуларни болести имаат трипати поголеми шанси да доживеат срцев удар по боледувањето од инфлуенца. Оваа закана останува во телото 60 дена откако ќе се појават првите симптоми на вирусот. Затоа е јасно зошто на овие луѓе им е толку потребна заштита во сезоната на грипови и вируси.

Многумина и понатаму тврдат дека сезонскиот грип не е толку опасен. Ова тврдење е точно само ако го продолжиме со зборовите „…ако си соодветно заштитен“.

Ви посакуваме мирна зима и денови исполнети со радости и здравје.

Translate »