ВИДЕО: Недела неработен ден – синдикатите „за“, бизнисот воздржан

Владата неодамна ја прифати оваа иницијатива на синдикатите,  а Министерството за труд веќе работи на законските измени – неделите да бидат денови посветени за одмор и за семејството. 

Недела,15-ти ноември. Градскиот парк во Скопје традиционално едно од омилените места каде граѓаните сакаат да се рекреираат и да го минат денот со своите најмили, но дали ваквата слика ќе ја гледаме помасовно ќе зависи од тоа дали неделите ќе бидат прогласени за неработни.

Владата неодамна ја прифати оваа иницијатива на синдикатите, а Министерството за труд веќе работи на законските измени – неделите да бидат денови посветени за одмор и за семејството. Синдикатите се за, но бизнис секторот смета дека ова би се одразило лошо на економијата. Ги прашавме и граѓаните што мислат за оваа идеја.

Од Сојузот на синдикати на Македонија се на став дека пандемијата всушност покажала оти целокупното општество може да функционира и доколку недела се прогласи за неработен ден. Со ова решение велат ќе овозможи работниците да бидат поодморени, позадоволни, а со тоа и попродуктивни.

Наспроти ова, работодавачите потенцираат дека законското решение мора добро да се обмисли и да се процени кои дејности ќе може да го издржат, а кои не, како металургијата, земјоделието, туризмот, градежништвото кои зависат од климатските услови. Воедно велат дека треба да се размисли дали и колкави би биле економските загуби во услови кога економијата трпи штети поради коронакризата.

На дневно ниво се одржуваат консултативни средби со сите засегнати чинители за носењето на ова законско решение, велат од Министерстото за труд и социјална политика, се со цел да се дојде до одржливо решение кое нема да го наруши функционирањето на општественото живеење, но од друга страна неделата навистина за доминантен број од работниците да биде неработен.

Translate »