Нè чека тешка зима: Германските власти размислуваат за воведување на уште порестриктивни мерки до пролет

Германските федерални власти ја разгледуваат можноста за воведување на уште построг „локдаун“ ширум земјата, па дури и ограничување на движењето на луѓето и задолжително носење на маски каде тоа сè уште не е пропишано.

Како што пренесуваат германските медиуми, во документот кој е во подготовка, наведено е дека луѓето ќе бидат повикани да се воздржат од сите приватни собири најмалку до католички Божиќ.

Во врска со тоа прашање, германската канцеларка Ангела Меркел ќе се состане со шефовите на сите 16 германски федерални региони.

Да потсетиме, Германија овој месец воведе мерки кои беа наречени „благ локдаун“ – кафетериите и рестораните се затворени, но училиштата и продавниците и натаму се отворени. Тоа даде одреден резултат, односно бројот на новозаразени повеќе не расте експоненцијално, но засега сè уште нема видливо намалување на бројот на заразени.

„Пред нас се четири тешки зимски месеци пред, како што се надеваме, промената на времето и вакцините не помогнат во совладувањето на оваа пандемија“, стои во интерниот документ кој сè уште не е објавен јавно, но веќе го добиле на увид неколку германски новински агенции.

Translate »