Што напишал Обама за Путин, Ердоган, Меркел…
Во новата книга “Ветена земја”, поранешниот американски претседател Барак Обама, меѓу другото, пишувал за средбите со бројни светски лидери и зборувал за тоа што мисли за нив.
Во книгата која за 24 часа се продала во повеќе од 890.000 примероци, Обама се потсетува на своите патувања низ светот додека бил 44-ти претседател на САД, а силен впечаток на него оставиле Ангела Меркел, Владимир Путин и претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, пишува “BBC”.
За Ангела Меркел Обама пишува дека е “постојана, чесна, интелектуално ригорозна и инстинктивно љубезна”. Поранешниот претседател забележува дека на почетокот била скептична кон него поради неговата возвишена реторика и вештина на говорење.
“Не се навредив, сметајќи дека за германски лидер одбивноста кон можна демагогија веројатно е здрава”, наведува Обама во книгата.
Обама открил дека турскиот лидер Реџеп Тајип Ердоган е “срдечен и генерално одговарал на неговите барања”.
“Но, кога го слушав како зборува, стекнав впечаток дека неговата посветеност кон демократијата и владеењето на законот може да потрае само додека ја обезбедува неговата моќ”, напишал Обама.
Обама исто така дел од својата книга посветил на Путин. Тој го опишува Путин како човек кој го потсетил на старите политичари кои ги запознал на почетокот на својата политичка кариера во Чикаго. Пишува дека бил “како шеф на одделение (округ), но со нуклеарни бомби и вето во Советот за безбедност во ОН”.
“Путин, всушност, ме потсети на вид луѓе кои некогаш управувале со машина во Чикаго или Тамани Хол(политичка организација во Њујорк), жилави, со уличен мозок, несентиментални ликови кои знаат што знаат, кои никогаш не се преселиле од своите тесни искуства и кои патронатот, подмитувањето, измамите и повременото насилство го сметаат за легитимно оружје во трговијата”, пишува во “Ветена земја”.