Димовски до Каракачанов: Прашање на домашно воспитување во Европа е да се почитува сопственото право на свој идентитет
Поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски се огласи на социјалните мрежи после последните случувања на релација Скопје-Софија и по повод денешната изјава на бугарскиот вицепремиер и министер Красимир Каракачанов.
„Господине министер, кои сме, какви сме, каква историја почитуваме, каков јазик говориме и каква култура градиме е наша и само наша работа, според сите европски и светски демократски стандарди. Прашање на домашно воспитување во Европа е да се почитува сопственото право на свој идентитет. Ние за нас знаеме повеќе од тоа што вие знаете за нас“, пишува Димовски.
Според него, Каракачанов и неговата колешка од бугарската влада, Екатерина Захариева треба да намалат со навредите и потценувањето бидејќи во Македонија има паметни луѓе, дури и за извоз.
„Господине Каракачанов, низ последниот век некогаш бевме на исто, но често не бевме на иста страна, вие дури често ја користевте Македонија за остварување на вашите бугарски интереси, а на штета на луѓето кои живееа и живеат низ Македонија. Дозволете да ве прашам неколку прашања:
Зошто бугарската армија не влезе во Македонија за да го оствари ветувањето дека царска Бугарија ефективно ќе го помогне Илинденското востание? Или нашите овде беа помалку “бугари”, па можевте да ги користите како кусур во позиционирањето и односите со другите соседни држави?
Зошто потпишавте пакт за поделба на Македонија, ако македонскиот народ е бугарски, зошто прифативте да живеат “бугарите” низ четири различни држави?
Зошто дозволивте само 16 проценти од Македонија денес да е во Бугарија, ако целиот македонски народ е всушност “бугарски”?
Каква беше улогата на бугарската армија (вие сте министер на одбраната, проверете во архивите) во ПСВ додека беше стационирана околу врвот Пелистер и какво оружје користеше за удари врз градот Битола? (Знам дека армија врз сопствен град и народ тоа што го правела не би можела да го прави).
Зошто господине министер, вашиот генералштаб не дозволи 11-от полк на бугарската армија (составен од 90% луѓе од Македонија) да ја ослободи Македонија, туку го пративте на Тракија? Зар треба да не се сомневаме дека 14.000 Македонци под оружје за вас не беа страв да бидат распоредени низ Македонија?
Зошто направивте размена на население со соседна Грција после ПСВ и ги обезчовечивте илјадниците наши куќи и села низ егејска Македонија?
Зошто господине потпретседател на Владата, не побаравте ниту 1% права за “Бугарите” во Грција и некакво право на културно и историско наследство во северна Грција, доколку навистина принципиелно се борите за тоа? Ако ние овде сме Бугари, сигурно и тие долу се, или пак таму веќе имате договор да не смеете да се мешате?
Како бугарската Влада дозволи да има подобар однос кон Атина и Белград, од спрема нас овде, доколку ние и вие сме ист народ, па макар и искарани и во кавга? (Имало и други такви периоди во вашата политичка историја).
Зошто не терате ние да прифатиме дека во Бугарија нема Македонци, ако тврдите дека ни во Македонија ги нема? Од што се плашите? Од нас овде или од самите вас таму?
Не ли ви е криво и тешко што ќе останете запаметен како човек кој наместо да не доближува, вие лично најмногу не раздалечува, нас и вас?“, праша Димовски.