Ѓорчев ја праша Ангеловска дали е точно дека во нејзината фирма ИТ-инжинери земаат 200 евра плата
Дали е точно дека Нина Ангеловска во нејзината фирма исплаќа 200 евра плата за ИТ-инжинери и дека плаќа на рака, праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, кој побара одговори од Ангеловска, која сè уште не е избрана за министерка за финансии. Тој го критикуваше предлогот на Зоран Заев за назначување на Ангеловска и порача дека таа ќе биде дел од најлошата влада во историјата на Македонија.
Премиерот Заев негираше дека Ангеловска го правела тоа во нејзината фирма, а спикерот Талат Џафери го искара Ѓорчев дека не го почитува кодексот за пратеници и дека сè уште не е избрана за министерка, па му порача да почека прашањата да ги постави на седница за пратенички прашања.
Единствената пратеничка од опозициската ВМРО- ДПМНЕ која го поздрави предлогот за новата министерка беше Даниела Рангелова. Таа го пофали премиерот Заев што одлучил да предложи жена на местото министерка за финансии, а Ангеловска дека има добра биографија.
„Ми остави впечаток една реченица која ѝ ја кажала нејзината мајка – Нина треба да си ачик и да забележуваш сè околу себе. Се надевам дека сте ачик и дека забележавте дека економската состојба не е добра“, рече Рангелова.
На седницата за избор на новите министри за реплика се пријавија речиси сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и побараа оставка од Заев.