Тимот на СЗО: Потеклото на короната треба да го бараме во пештерите

Член на тимот на Светската здравствена организација што во кинескиот град Вухан го истражува потеклото на коронавирусот смета дека генетскиот материјал на вирусот треба да се бара во пештерите со лилјаци.

Фото: ЕПА

Петер Дасзак, зоолог и експерт за болести на животни, рече дека тимот од Вухан добил нови информации за тоа како вирусот, кој првпат беше идентификуван во тој град на крајот на 2019 година, прераснал во пандемија. Тој не ја објасни својата изјава, но истакна дека нема докази дека вирусот потекнува од лабораторија.

Потеклото на коронавирусот стана политичко прашање, особено по обвинувањата на САД дека Кина не реагирала доволно транспарентно на избувнувањето на епидемијата. Оттогаш Пекинг ја форсира приказната дека вирусот не потекнува од Кина.

Дасзак учествуваше и во истрагата за потеклото на САРС и ги пронајде неговите корени во лилјаците што живеат во пештера во провинцијата Јунан. „Тука се потребни слични истражувања ако сакаме да го најдеме вистинското потекло“, рече тој. „Пронаоѓањето на соодветниот лилјак е важно затоа што со наоѓањето на изворот на овие смртоносни вируси, може да го намалите контактот со тие животни“, објасни Дасзак за Ројтерс.

Засега не е познато дали кинеските власти земаат примероци од пештерите со лилјаци, но вируси слични на ковид и претходно беа откриени во Јунан.

Дасзак рече дека тимот на СЗО добил нови информации за тоа како вирусот прераснал во пандемија, но не објасни какви. „Коцките полека се склопуваат и некои сценарија изгледаат поверојатни од другите“, рече тој.

Едно од сценаријата што тимот на СЗО ги испитува е дека вирусот циркулирал долго пред да биде откриен во Вухан. „Тоа е нешто што нашата група внимателно го проучува“, рече тој.

„Она што ние го правиме овде е што ја следиме патеката од првите случаи до животинскиот резервоар, а тоа е прилично кривулест пат и можно е сè да започнало неколку месеци пред тоа, или дури и години“, рече Дасзак.

Тимот на СЗО ги посети болниците, истражувачките центри и пазарот во Вухан каде што првпат беше откриен вирусот, но нивните контакти и движења се ограничени.

Дасзак рече дека кинеските власти сепак им дозволуваат да се состанат со клучни фигури или да посетат важни локации. „Се разбира, невозможно е да го откриеме она што не ни го кажуваат, но она што јас го гледам во Кина, она што оваа група го гледа во Кина, е дека кога ќе побараме нешто, тоа ни е и дозволено“, рече тој.

Translate »