Трагедија во Романија: Новороденче починало при крштевање
Многу Романци се мобилизираа оваа недела на социјалните мрежи за да ја убедат Православната црква да го смени обредот на крштевање по смртта на новороденче, ден по таа церемонија.
“Смртта на новороденчето поради оваа практика е голема трагедија. Тој ризик мора да се отстрани …”, велат иницијаторите на петицијата на Интернет, кои досега собрале повеќе од 56.000 потписи.
Шест недела старото новороденче починало во болница во понеделникот, непосредно по крштевањето во црква во местото Сучеава.
Според обредот, тоа било потопено трипати во благословената вода. Детето се разболело и починало неколку часа подоцна во болница поради срцева слабост.
Аутопсијата открила течност во неговите бели дробови и отворена е истрага за убиство од небрежност против свештеникот кој ја водел церемонијата.
Според извештаите на медиумите, во последните години се случиле неколку такви случаи.
Портпаролот на Православната црква Василе Банеску изјавил дека свештениците можат само да ги испрскаат новороденчињата со малку вода на челото за да се избегнат вакви трагедии.
Но, архиепископот Теодосиј, тврдокорен водач на црквата, вели дека обредот нема да се промени.