Ристовска: Ќе докажеме дека Мијалков бил организатор на масовното прислушкување

Случајот за масовното нелегално прислушување “Таргет и Тврдина” ќе ја испише новата историја, ќе го обележи времето и ќе остави силна порака за идните генерации, рече  во својот воведен збор обвинителката Ленче Ристовска. Според неа идеотворецот на масовното прислушување е тогашниот директор Сашо Мијалков, кој се водел од политички и бизнис интереси.

-Ќе докажеме дека Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ, раководени од желбата за сеопфатна контрола на протекот на информациите, а како би оствариле предност во политичката и бизнис сферата, формирале злосторничко здружување кое преку континуирана злоупотреба на системите за следење на комуникациите со кои располага УБК вршеле масовно нелегално прислушување, истакна обвинителката.

Таа појасни дека на ова злосторничко здружување се приклучиле и обвинетите Владимир Варелов, Васил Исаковски, Маријан Шумоликовски и тројца сведоци, меѓу кои и Звонко Костовски, при што секој имал своја задача.

-Обвинетиот Мијалков како директор на УБК бил организатор на групата и ги држел под контрола и надзор сите учесници, а воедно и самиот незаконски ги следел комуникациите на дел од граѓаните, а имал и преглед на сите броеви кои биле следени. Грујевски како негов најблизок соработник ги проследил барањата и намерите на Мијалков до Николиќ, која ги распоредувала улогите на другите учесници. Таа давала и задачи кои телефонски броеви треба да бидат таргетирани и транскрибирани.

Обвинителката речи и дека Звонко Костовски, кој заедно со Ѓоко Лазаревски ја открија аферата, и самиот учествувач во прислушувањето.

-Звонко Костовски бил задолжен за техничката поддршка на незаконското следење на комуникациите, изработувал профили и лозинки на корисниците, а воедно на секој создавач му овозможил пристап до системот за следење на комуникациите. На Мијалков и Грујевски ваков пристап им овозможил и во нивните канцеларии, односно имале пристап до разговорите од своите канцеларии, појасни Ристовска.

Таа рече дека во случајот на масовното нелегално прислушување СЈО ќе предложи да сведочат 100 сведоци, а има 300 оштетени.

Translate »