Што ќе значи кризната состојба во пракса?
Главниот штаб ќе биде телото кое ќе ја координира целата борба против пандемијата со коронавирусот во кризната состојба. Ќе ги координира 80-тината локални кризни штабови во општините, кои ќе носат одлуки какви ресурси се потребни и од државниот и приватниот сектор на нивната територија за полесно и подинамично справување со кризата.
Исто така, Главниот штаб ќе го има главниот збор за тоа со колкави капацитети и дали армијата и полицијата ќе асистираат во редот во болниците, во изградба на монтажни болници и дополнителна инфраструктура, транспорт на пациенти, но и секаде каде што ќе може да помогнат. Но, тоа не значи дека на улиците ќе патролираат војници. Тие само ќе им помагаат на припадниците на МВР, доколку има таква потреба.
Првата задача на телото составено од првиот човек на Центарот за управување со кризи и уште 11 членови од повеќе институции е формирање на акциски план за постапување.
-Јас ќе го свикам Главниот штаб и веднаш ќе изработиме акциски план. Тоа не значи дека ние ќе измислиме топла вода. Постојат акциски планови, ќе земеме некој од претходните. Знаете дека во Дебар имаше локален акциски план. Ќе го прилагодиме и нормално дека планот нема да биде совршен. Планот ќе се менува во движење, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
За тоа каква ќе биде комуникацијата помеѓу Главниот штаб и приватните компании, Ангелов не сакаше да даде детали, туку најави појаснување на следната прес-конференција.
Но, голем проблем е што Центарот за управување со кризи како главно институција во оваа ситуација кубури со кадар.
-Според систематизацијата фали поголема бројка, но за да бидеме функционални ни требаат барем десетина – 20 луѓе. За дел од нив работиме за преземање од други институции, преземање на искусни луѓе од соодветни области. А понатаму ќе разговарам со премиерот и со Владата за вработување на неколку луѓе кои што ни се неопходни. Во некои сектори состојбата е многу лоша, односно имаме раководител и еден вработен, а бројката треба да е многу поголема, појаснува Ангелов.
Кризната состојба може да трае до 30 дена, а за продолжување Владата ќе мора да бара дозвола од Собранието.