Совети од Проф. Александра Грозданова- Со вакцинација против грип покрај индивидуална заштита, обезбедуваме и заштита на оние со кои живееме и работиме
За Професорката на Фармацевтскиот факултет при УКИМ, Александра Грозданова, која е и претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство превентивната грижа за здравјето е особено важна во период на вируси.
Според неа како Ковид-19 да не беше доволна закана, па сега влегуваме и во период на сезонски грип (инфлуенца), кој за помладите и здрави луѓе се скоро безопасни, но за многу луѓе од ризичните категории граѓани и повозрасните старосни групи предизвикува сериозни компликации по здравјето. Затоа е изворедно битно да се обезбедиме со заштита барем од она кое ние познато и за кое имаме превенција а тоа е инфлуенца и вакцините за инфлуенца.
Вакцините против инфлуенца остануваат единствената и можам слободно да кажам најуспешна превенција против инфлуенца. Дологодишната употреба и голем број истражувања потврдија дека вакцините против грип ефикасно делуваат на начин што го намалуваат бројот на компликации и смртни случаи, ја намалуваат потребата од интензивна нега и хоспитализацијата на пациенти во болниците. Дури и кај пациенти кои се заразиле со грипот, а кои ја примиле вакцината предходно, вакцината ќе обезбеди ризикот од компликации да е многу помал и штетата која грипот може да ја предизвика да биде минимална. Дополнително вакцинацијата за грип покрај индивидуална заштита на особата која ја примила, обезбедува и заштита на оние со кои живееме и работиме бидејќи го спречуваме ширењето на вирусот на грипот а со тоа се грижиме и за другите, смета Проф. Грозданова.
Заштита од грипот имаме во ефикасната и безбедна вакцина за грип кој се користи веќе со децении. Научната јавност и лекарите советуваат дека сите, а особено луѓето од ризични категории, треба да бидат вакцинирани против инфлуенца. Во моментов во најголем дел од земјите во Европа а и во Македонија се користи т.н четири валентна вакцина за инфлуенца, која содржи четири типови на инфлуенца вирусот и не заштитува од нив. Онаа која Министерството за здравство ја обезбеди е произведена од реномиран француски производител и има одлични заштитни и безбедносни ефекти. Квалитетот и безбедноста на вакцините кои се користат во нашата држава апсолутно ги задоволуваат најригорозните барања, и нашите граѓани тоа го препознаваат оттука и толкав интерес за вакцинацијата.
Најризичните категории на луѓе во однос на сезонскиот грип се луѓето над 65 години и хронично болните и токму за нив нашата држава веќе три годнини наназад обезбеднува бесплатни вакцини за грип. Исто така треба да знаеме дека луѓето со кардиоваскуларни болести имаат трипати поголеми шанси да доживеат срцев удар по боледувањето од инфлуенца. Голем е ризикот и кај пациентите со респираторни заболувања, со дијабет и малигни заболувања. Затоа е јасно зошто на овие луѓе им е толку потребна заштита во сезоната на грипови и вируси и кај нив вакцинацијата за грип е навистина неопходна. Вакцинацијата е најбезбеден начин за зачувување на своето здравје. Периодот на актуелната пандемија со Ковид токму и тоа ни посочи, колку сме беспомошни кај инфективните заболувања доколку немаме соодветна терапија и уште повеќе ефикасна вакцина.Верувам дека сите ние станавме свесни колку вложувањето во превенцијата и индивидуално и како здравствен систем е исклучително важно.