Дали знаете дека рециклирањето на еден тон стакло го намалува загадувањето на воздухот за 20%?

Количината на рециклирана стаклена амбалажа во регионот на Западен Балкан и понатаму е далеку од нивото пропишано од Европската унија 60% од стаклото да се рециклира. Причините за тоа најмногу се поврзани со малото познавање на придобивките од рециклирањето, како и со недоволниот број на поставени контејнери за одложување на стаклена амбалажа, поради кој поголемиот дел од стаклените амбалажи завршуваат на депониите или илегалните одлагалишта, каде на стаклото му се потребни повеќе од 5.000 години за да се распадне.

За да се почувствуваат економичните ефекти на рециклирањето на стакло, потребно е значително да се зголеми количината на собран стаклен отпад. Затоа Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), заедно со партнерите ЗЕЛС и Пакомак го започна регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“. Проектот се спроведува во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, со цел да се зголеми количината на собран и рециклиран стаклен отпад во овие земји преку поставување на нови контејнери, и да се мотивираат граѓаните што почесто селективно да го одложуваат стаклениот отпад.

„Во моментов количините на стакло кои од комуналните служби ги собираат оператерите на амбалажен отпад во Србија, Северна Македонија и БиХ се недоволни и под капацитетот на рециклажните погони. Поради тоа стаклото сѐ поретко се носи на рециклирање, додека трошоците за транспорт стануваат поголеми. Така, една од главните цели на овој регионален проект е да се зголеми просечната количина на собран стаклен отпад во сите три држави за околу 20%. Во прашање се пилот општините Штип и Илинден во Северна Македонија, Ниш и Сомбор во Србија, Бихаќ и Нови Травник во БиХ“, објаснуваат носителите на проектот.

Според нив општините се најповикани да дадат поддршка на заложбите да ги постигнеме европските стандарди на национално ниво и да обезбедиме масовно вклучување на населението во активностите за селектирање стаклена амбалажа и за зголемување на собрани количини отпад од стакло. Во таа насока за пилот општините Илинден и Штип, се обезбедени 78  бесплатни контејнери за собирање отпад од стакло, распоредени на најсоодветни места во овие две општини. Дополнителна количина контејнери ќе биде распределена и во други општини во земјава. Го повикуваме населението масовно да одговори на овој повик, во духот на слоганот на акцијата ,,Ѕвончето повикува за рециклажа на стакло“, поставен на зелените контејнери.

Придобивки од рециклирањето на стаклена амбалажа

Дали знаете дека рециклирањето на еден тон стакло заштедува околу 40% енергија и 50% вода потребна за производство на нова стаклена амбалажа, додека загадувањето на воздухот се намалува за 20%? На пример, рециклирањето на едно стаклено шише заштедува енергија доволна за да напојува сијалица од 100W цели четири часа, додека од истата количина стакло се зачувува доволно енергија за еден компјутер да работи 25 минути.

За сите овие придобивки да се остварат во пракса, ЗЕЛС заедно со ГИЗ и Пакомак ќе ја анализира моменталната ситуација во врска со одговорното рециклирање на стакло, а потоа ќе ги идентификува недостатоците кои треба да се решат, во соработка со локалните донесувачи на одлуки во одбраните пилот-општини. На овој начин, ќе се работи на поставување на темели за исплатлив ланец на вредности на рециклирање стакло на Западен Балкан, како пресуден чекор за профитабилна одржлива економија во регионот.

Проектот се спроведува во рамки на програмата за развојна соработка со приватниот сектор – develoPPP.de, кој е финансиран од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на Германија (БМЗ).

Translate »