Искрените детски насмевки се мотивација за младите волонтери од „Сано“
Хуманоста и солидарноста се дел од сите нас, но треба да се потрудиме да ги покажеме. Тоа не им е тешко на децата-волонтери од хуманитарната организација „Сано“, кои секојдневно им нудат помош и поддршка на младите пациенти од Детската клиника кои боледуваат од малигнитети. Тие ги споделуваат своите искуства за борбата со болеста која самите ја победиле. Силната волја и посветеност не поминуваат незабележани, за што зборуваат бројните признанија и награди, но сепак главната мотивација и најпосакуваната награда за нив е искрената насмевка на децата на кои им помагаат.
Младите волонтери во „Сано“ секојдневно работат за да направат чекор напред во борбата на децата кои се лекуваат од рак и нивните родители. Личните искуства им помагаат подобро да разберат низ што поминуваат пациентите за да можат да се поврзат со нив на подлабоко, емотивно ниво.
Во организацијата „Сано“, освен млади луѓе, волонтираат и нивните родители кои придонесуваат со совет, разговор и емпатија кон добросостојбата на родителите кои во моментот се соочуваат со болест на своите деца.
Нивната работа ја забележуваат институции и општествено одговорни компании, кои сакаат да придонесат кон истата кауза.
Таков е случајот со Македонски Телеком, кој во предновогодишниот период обезбеди донација за да помогне во реализација на проектите и активностите на грижливите деца и возрасни кои се дел од „Сано“.
Волонтерите годинава ја добија и наградата „13 Ноември“ од Град Скопје за нивното несебично вложување и постигнатиот успех во текот на 2020 година.
Девојките и момците волонтери се вистинските херои на оваа приказна, бидејќи тие ни покажуват како некој може да се спротивстави на најголемите предизвици во животот, да ја надмине болката и покрај сето тоа да помогне некому, кој се соочува со истите предизвици. Тие секојдневно споделуваат љубов, разбирање и утеха со малите пациенти на детската клиника, со надеж дека еден ден и тие деца ќе живеат среќно и во иднина ќе можат да помогнат.
Годината која поминува и покрај сите предизвици нѐ научи многу лекции – нѐ научи дека треба подобро да се грижиме за себе и за блиските, дека помагањето и солидарноста се две вредности без кои не можеме да опстоиме како заедница. И затоа, последните денови од годината одбиваме да размислуваме на сите пропуштени моменти и пропаднати планови и исто како волонтерите на „Сано“ – и ние се фокусираме кон убавите работи кои можат да се случат во иднина и кон тоа што можеме да направиме за да биде така.