Драматични податоци на СЗО: Короната уби повеќе од 2 милиони луѓе ширум светот! Новиот вид забрзано се шири, откриен во 50 земји
СЗО предупредува на забрзано ширење на новиот сој на вирусот, откриен во 50 земји,
Бројот на жртви на коронавирус во светот денеска ќе надмине 2 милиони, според порталот „Worldometers“, кој се повикува на извештаи на СЗО.
Вирусот кој пред една година почна да се шири низ планетата, досега инфицирал повеќе од 93 милиони луѓе, а 5 милиони новозаразени се откриени минатата недела.
28 милиони вакцини
Според СЗО, новиот сој на вирусот, кој прво беше забележан во Британија, досега е пронајден во 50 земји, а сојот од Јужна Африка во 20 земји, но организацијата смета дека таа проценка веројатно е помала од реалната.
Овие соеви можат да се идентификуваат само со секвенца од нивниот генетски код, што е анализа која не е можна насекаде. Третата мутација, со потекло од бразилскиот Амазон и која во неделата ја откри Јапонија, моментално се анализира и би можела да влијае на имунолошкиот одговор, навела СЗО.
Ширењето на новите соеви на вирусот не ги спречиле ни вонредните мерки кои се на сила во поголем дел на Европа, како што се заклучувањето и полицискиот час. Не ги запрела ниту вакцинацијата, која почнала во 46 воглавно богати земји. Вакцинацијата се одвива успорено и мали се шансите да се постигне колективен имунитет до крајот на оваа година.
„За 36 дена се дадени околу 28 милиони дози од вакцината против коронавирусот во 46 воглавно богати земји“, рекол Мајк Рај, претставник на СЗО и додал: „Користени се пет различни вакцини и платформи. Има држави кои сакаат вакцина и им е потреба, а нема да ја добијат, освен ако ние не направиме подобра распределба. Втората година од пандемијата може да биде потешка, бидејќи вирусот побрзо се шири“.