Академик Беџети: Ова се само први чекори на влегување во еден многу тежок и комплексен систем во образованието
Академик Абдулменаф Беџети повика на поддршка на иницијатива за новиот концепт за образование.
Беџети, како што соопшти Министерство за образование и наука, повика на поддршка на оваа иницијатива.
– Ми останува да повикам на поддршка на оваа иницијатива, бидејќи знаеме колку е комплексно, колку е тешко да се влезе во ваков комплексен зафат. За поздравување е тоа што првпат, дури и при расправа за еден реформски зафат во основно образование, се повикуваат дури и институции од највисоки образовни и научни области како што се претставниците на МАНУ. Од оваа гледна точка навистина сите елементи беа разгледани, расправата беше многу плодна, конструктивна и би требало да биде проследена и од другите, изјави академик Беџети.
Тој укажа дека има голем консензус во тоа дека проблемите во образованието и образовниот систем започнуваат во основно образование, а како последица ги има и во високото образование.
– Ова се само први чекори на влегување во еден многу тежок и комплексен систем, а Министерството, работната група и сите чинители во тој дел, на чело со Бирото за развој на образованието многу јасно ги препознаваат овие проблеми и знаат дека и решенијата не се така едноставни, туку тие се доста комплексни од сите аспекти. Почнувајќи од педагошки аспект, од ресурси, од инфраструктура и суперструктура на образование, па се до резултати на учење коишто треба да произлезат од ова, рече академик Беџети.