Студентка на Универзитетот во Виена: Професорите никогаш не задоцниле на час и секогаш се достапни на телефон

Верче Георгиевска е прва година на Економскиот универзитет во Виена, таа за Радар го пренесува своето искуство од начинот на обрзование во Австрија.

Која беше причината да не се запишете на некој од македонските универзитети туку да замините за  Виена?

Како млад и просперитетен човек со авантуристички дух, прво бев понесена од убавината на градот при една туристичка посета. Секако, во тоа време, можеби ми влијаеше и тоа што не се пронаоѓав себе си во Македонија,  за жал не ми го нудеше она што ми беше потребно. Иако, немав доволно искуство, за да размислувам  за некоја поголема слика во која се гледам во иднина, од она што го имав како информации како функционира нашиот високо образовен  систем, едноставно не можев да се вклопам во него, ми пречеа многу работи. Заклучоците ги донесов од она што го слушав од околината, постарите пријатели, познаници кои беа на факултет. Насекаде слушав за лошиот систем, неквалитетното учење, програмите, завршени студенти без никакво знаење, дипломи кои се само бројка, а студентите не знаат каде им се наоѓаат факултетите,факултети  на кои им се важни само уплатите од студентите, трка за повеќе студенти, бидејќи станува збор за бизнис, кој мора да функционира. За знаењето, имав впечаток дека никој воопшто не се грижи, дали се стекнува и колку тоа ги оспособува студентите.Тоа беше мојата слика во тоа време, кога требаше да одлучувам.  Кога, подоцна, отидов во Виена и го видов Економскиот универзитет, тоа за мене беше љубов на прв поглед.Македонските универзитети не може да се споредат,за жал.  Тоа што беше мојот факултет кога го видов, разликата не може да се опише со зборови. Бев понесена од изгледот, начинот на кој функционира, љубезноста на сите каде и да се движите, квалитетот на програмата,можноста за учење.Од тие причини и се запишав на Економскиот универзитет во Виена, на смерот бизнис право, нешто што беше ново, а многу перспективно, бидејќи паралелно се студираат двете науки и економијата и правото, што дава огромна можност за вработување и во двете дејности.

 

Како е да се студира на друг јазик, се вклопивте ли брзо ?

Несомнено, тешко. Германски почнав да учам во Македонија, но кога се соочив со јазикот таму сфатив колку е тоа малку и колку треба да се вложам за да можам да бидам рамо до рамо со еден австриски студент, на кој германскиот му е мајчин јазик.Самиот процес на учење е доста тежок и комплициран, на почетокот ми беше мачно прво да разберам за што се работи, па да научам и да бидам спремна за испит. Во првата фаза испитите се многу тешки, каде процентот на студенти кои не положиле, на пример, за еден правен испит достигнува и до 80%. Тоа претставува еден огромен филтер за квалитет, каде никој кој не знае како правилно се учи не може случајно да се провлече.Австријците се сметаат за доста прецизен народ, а тоа го увидов кога бев доведена во ситуација испитот по европско економско право да го полагам повторно, а ми недостасуваше 1 поен. Како странски студент морам да вложам за двојно повеќе труд  за да можам да постигна и минимален успех. Сепак, не ми требаше многу време да се вклопам, а јазиот го владеам сосема доволно, бидејки морав да го исполнам условот за студии, зборувајќи го јазикот на ц1+ ниво.Така што, првата година, или поточно една студиска година, мора да посветите само на јазикот за да можете да стекнете право да започнете со редовните студии и со слушање и полагање на испити.Тоа, како за нов студент е најтешкиот процес,зошто доколку не го положите испитот за 4  пати, губите право да студирате на тој факултет, иако сте запишани како студент. Многу стресен и неизвесен период.

Каков е животот таму?

Со еден збор прекрасен. Се живее брзо и се ужива во секој момент. Самиот град има многу содржини за секаков профил на луѓе, од спорт и рекреација до музеи, театри, кина и ноќни клубови. Се работи 6 дена во неделата, а недела е ден кога Австријците обично се во парковите и се рекреираат. Таков начин на живот почнав и самата да применувам, прави да се чувствувате прекрасно, уживајќи во убавините на Виена. Од друга страна, институциите функционираат беспрекорно, а љубезноста на вработените ти го разубавуваат  денот.Функционира на современ начин се во градот, особено во студентскиот живот. Како студенти со македонски пасош имаме право да работиме 10 часа во текот на една седмица. Постојат големи можности да се работи и како студент. Иако, за нас како жители кои не сме од ЕУ, помали се можностите за поволностите што ги имаат студентите и за работа, воопшто.

 

Каков третман имаат странските студенти во Австрија?

Јас како странски студент во Австрија се чувствувам почитувано и еднакво на нивните студенти, пред се почитувано од страна на колегите затоа што ми се восхитуваат како изучувам наука на јазик кој не е мој мајчин јазик, совладан за релативно кратко време. Целиот процес на пријавување испити, предавања и секаков тип на активности се следи и онлајн, а организацијата е беспрекорна , секој студент при уписот на факултет добива службена емаил адреса со која комунуцура со професорите и добива инструкции и одговор на било кое прашање. Во тој поглед досега се немам почувствувано како странец.

Австријците се многу колегијални, ако гледаат дека не можеш да се снајдеш со учењето се понудуваат да помогнат на странските студенти, формираме групи и учиме заедно, со еден збор даваат и повеќе од своето време за да помогнат. Многу се толерантни и љубезни.

Сите студенти имаат можност за бесплатни курсеви на факултет за повеќе странски јазици. Пристап до библиотека, со бесплатно изнајмување на книги, процес кој е автоматизиран и преку компјутерски систем.Мора за се сами да се снаоѓате, тука процесот на сите сервисни услуги е автоматизиран комплетно.

Професорите се многу одговорни, не може да се случи да доцнат на предавање, да не одговорат на меил ако сте пратиле да прашате нешто за наставата. Даваат секогаш и повеќе од тоа што треба, достапни се секогаш и на телефон, можете да се јавите и да ви објаснат ако имате потреба. Можам да кажам дека професорите воопшто не се вообразени или суетни, нешто што можам да го забележам кај нас. Тука професорите се комплетно посветени на студентите и секогаш гледаат да извлечат максимум од потенцијалот што го има секој студент.

На предавањата има по 700-900 студенти, огромните амфитеатри се комплетно адаптирани на ваква настава, со современа аудиовизуелна опрема. Интересно е што ваквата бројка е вообичаена, иако во првата фаза предавањата не се задолжителни.Професорите успешно комуницираат и го задржуваат вниманието и со ваква бројка, а нивните предавања се вистинско уживање и предизвикуваат кај секој студент желба за учење, бидејќи се многу интерактивни и инспиративни. Вие и да се сте во последниот ред, помеѓу 900 студенти, професорот може да  ви се обрати преку микрофон и да комуницира со вас.

 

Колку чини месечно школувањето и режиските трошоци?

Еден семестар чини 750 евра за сите смерови, а месечните трошоци за храна и стан околу 500 евра, зборувам за сместување во студентските домови. Дополнително, за  нас македонските студенти, бидејќи имаме потреба од студентска виза за престој бараат да имаме депонирано на сметка во банка во просек од 8-10.000 евра, како гаранција дека имаме финансии да функционираме во Австрија и да не бидеме на товар на државата. Оваа сума ја бараат во Магистратот, државна институција каде се добиваат сите документи и визи за престој на странските државјани. Во текот на студиите има дополнителни трошоци за материјали и книги, кои се скапи, а некои книги се и по стотина евра.

Австрискиот стандард е секако повисок, ако гледаме за македонски услови, школувањето е многу скапо,но можам слободно да кажам дека секој издвоен цент вреди, а Виена не само од аспект на квалитетот на образовниот систем, туку и според квалитетот за живеење,  по 7- ми пат и оваа година е најдобар град за живот.Да напоменам дека и со можноста да работите 40 часа неделно, за кои може да добиете околу 400 евра, нема можност да се покријат ниту дел од трошоците. Затоа, јас бескрајно сум благодарана на моите родители што ми овозможија да се школувам во еден ваков високоразвиен систем и да стекнам квалитетно образование, добивајќи огромна перспектива за понатаму во кариерата.

 

Какви ви се плановите планирате да се вратите откако ќе дипломирате или да останете во Виена? 

Враќање нема, во ниту еден момент не можам да се видам себеси во Македонија. Едноставно, нема никаква перспектива, особено кога сте вложиле толку многу труд,но и финансиски средства, една голема инвестиција, да го употребите во неквалитетни институции, систем кој функционира по непрофесионални стандарди, каде знаењето е само проформа и можеби збор. Многу ми е жал што морам да го кажам ова, но со секое размислување на оваа тема гледам дека потенцијалот на младата популација која треба да биде двигател на државата е надвор и нема планови да се врати. Кога ќе се присетам колку многу труд треба да вложам и колку сум вложила до сега, не – едноставно речено, не би го искористила за она што ми се нуди тука како работа.

Потребно е да се промени многу, за да може младите да планираат да се вратат во својата земја.Но, за жал не верувам во драстични промени, едноставно кај нас посебно младите се навикнати на инстант знаење кое брзо се стекнува, но и брзо се губи. Кога ќе се вратам дома, и ќе го видам начинот на живот на еден студент, само ми е мило што сум успеала да заминам и сама без никој да се снајдам и успеам во се. Слушајќи како нашите студенти полагаат и се жалат дека е тешко, се присеќам дека студирам на германски и тоа право и економија, а правото е исклучително тешко во Австрија и се смета за една од најценетите професии, сето тоа жалење на нашите студенти ми е смешно.А, сепак, кога еднаш ќе заминеш, мора да има добра причина што си го сторил тоа, а мислам дека со враќањето ќе се вратам стотина чекори назад, бидејќи Виена ми ги смени погледите на светот, направи да ги оставам предрасудите зад себе,предрасуди кои се типични за нашиот народ, ме научи да го гледам доброто во секој, да си ја гледам својата и исклучиво својата работа и најважното, да уживам во секој миг од животот.

Затоа, јас ќе си ја барам мојата шанса за работа во Виена, или можеби некоја друга европска земја, каде ќе биде ценето исклучиво моето знаење и стручност.За сите млади луѓе кои сакаат да вложат во себе, многу повеќе, топло ја препорачувам оваа европска метропола.

Translate »