По иницијативата на „Слободен печат“ просторот спроти „Холидеј ин“ да стане зелена оаза, се огласи инвеститорот
Бизнисменот Зоран Антиќ, кој се очекува да гради на просторот на сегашниот паркинг спроти „Холидеј ин“, ветува дека Скопје ќе добие нов центар на градот, со модерни содржини – галерија пониска од сегашниот ГТЦ, чиј цел покрив ќе биде градина, огромен подземен паркинг на два ката, модерен и урбанизиран кеј, мала „турска“ чаршија, фонтана како Порта Нова во Милано, една кула од 30 ката што ќе го носи името на Кензо Танге и неколку помали згради на рабовите на парцелата, сите опкружени со зеленило.
Никогаш не сум помислувал да градам бетонски чудовишта на просторот спроти „Холидеј ин“. Мојата замисла е, доколку бидам во можност, да изградам нов центар на градот, за кој ветувам дека ќе биде најубав и најзелен на Балканот.
Ова го вели Зоран Антиќ, во чија сопственост е просторот спроти „Холидеј ин“, на кој сега има паркиралиште и многу супстандардни објекти. Ексклузивно за „Слободен печат“, весникот што поведе иницијатива на овој простор да никне парк, Антиќ организираше мала презентација на своите градителски намери за овој простор. Засега, станува збор само за негови идеи, кои за три до четири месеци странски архитекти ќе ги преточат во конкретен идеен проект.
Сите ќе се гордееме со нашиот нов центар
– Јас го изградив „Сити мол“. Сум градел многу згради и верувајте, оваа парцела, на чие окрупнување работам практично од 2010 година, не ја замислувам како група од бетонски облакодери, туку како нов центар на градот. Со сите овие градби што никнаа во последните години, Скопје го изгуби својот центар. Мојата идеја е сега да изградам еден нов, модерен и зелен центар на градот, со кој ќе се гордееме сите – категоричен е Антиќ.
Во средиштето на оваа парцела, според замислите на инвеститорот, треба да никне галерија со приземје и кат, пониска од Градскиот трговски центар, но споена со него со мост над улицата пред „Холидеј ин“. Под галеријата ќе има подземен паркинг на два ката, со капацитет од најмалку 1.000 возила, со што битно ќе се придонесе за решавање на проблемот на паркирање во строгиот центар.
– Од плановите на градоначалникот Петре Шилегов знам дека покривот на ГТЦ треба да стане, всушност, една голема зелена површина. И покривот на галеријата што планирам да ја изградам ќе биде една убава и уредена градина, со површина од околу 10.000 метри квадратни. Така, во целина, Скопје всушност ќе добие нов парк и многу, навистина многу ново зеленило. Не брцни три дрвја и речи еве ви парк. Не, зборуваме за модерно уредени зелени површини, по највисоки стандарди – вели Антиќ.
Ќе добиеме модерен кеј на површина од 20.000 квадрати
Кон ова треба да се додаде и идејата на градителот да се затвори еднонасочната улица меѓу паркингот и кејот на Вардар и тој огромен простор од околу 20.000 квадрати да стане прекрасен кеј, нова модерна урбана површина.
– Станува збор во голем дел за јавен простор, но без оглед на тоа, јас ќе придонесам заеднички со Град Скопје да го уредиме и да го направиме кеј каков што има во модерните европски градови. Не како овој сега. Освен тоа, имам идеја тука некаде да подигнеме и една нова, мала но вкусно уредена „турска“ чаршија, која на некој начин ќе „комуницира“ со Стара скопска чаршија, уште едно битно обележје на градот. Средиште на социјалниот живот треба да биде фонтана по примерот на Порта Нова во Милано – вели Антиќ.
Во врска со најболното прашање, големите шеесеткатници што беа најавувани, тој уверува дека не постои опасност од такво нешто.
– Мојата желба и молба до скопјани е да изградам една триесеткатница, што ќе го носи името на светски познатиот архитект Кензо Танге, како и неколку помали згради на рабовите на парцелата. Сите јужни фасади ќе бидат обложени со фотоволтаични панели, што е сега тренд во светот. Модел за градење ќе ми биде Ротердам, од каде што и вие објавивте фотографија на насловната страница на весникот. Со тој град сум, и емотивно поврзан и мислам дека тоа е еден од градовите со најубава архитектура во светот – објаснува Антиќ.