Меџити вели дека Албанците на пописот ќе бидат над 25 отсто
Потпретседателот на ДУИ и координатор на пратеничката група, Изет Меџити вели дека нема дилеми за бројот на Албанците, тие на пописот ќе бидат над 25 отсто.
„Според бројот на ученици, по наталите и по многу фактори Албанците ќе бидат над 25 отсто . Сите индикатори говорат дека Албанците се нешто повеќе од тоа што биле на последниот попис. Нема потреба од такви дилеми. Пописот е статистичка операција, значи треба да се утврди бројката во нашата држава и тоа е добро за наредните стратегии и развој, да имаме точна бројка било за економски параметри, било за друга природа“, изјави Меџити за Плусинфо. Претходно, Арбр Адеми од ДУИ изјави дека нема да го признае пописот, доколку Албанците се под 20 отсто. Пописот ќе се одржи во април. Претседателот Стево Пендаровски, по извршените консултации со правни експерти, денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година.
Претседателот Пендаровски очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата. Опозицијата има многу забелешки за законот. Премиерот Зоран Заев кажа дека оние граѓани кои ќе одбијат да бидат попишани ќе бидат казнети, а тоа ќе значи и помалку попишани Македонци, Албанци…