Имунолог тврди: Нултиот пациент се заразил со ХИВ за време на Првата светска војна
Вирусот ХИВ најверојатно преминал од шимпанзo на човек поради невнимание на гладен војник од Првата светска војна, кој бил принуден да лови животни за да преживее, смета канадскиот микробиолог Жак Пепен.
„Непознатиот нулти пациент бил дел од инвазијата на 1.600 белгиски и француски војници, кои со 4.000 соборци од Африка патуваале од Леополдвил од белгиски Конго, во оддалечена база во Камерун“, објаснува Пепен, кој работел како лекар во централна Африка во 80-тите години на минатиот век.
Пепен, професор на Катедрата за микробиологија и инфективни болести на Универзитетот во Шербрук во Квебек, претстави интересна хипотеза во новото издание на неговата книга „Почетоците на сидата“.
„Нултиот пациент најверојатно бил повреден по убиството на еден вид шимпанзо, кое било заразено со сличен вирус, што бил претходник на ХИВ, кој предизвикува сида“, напиша Пепен во научна статија на Универзитетот Кембриџ.
Во првото издание на книгата од 2011 година, Пепен првично рече дека ХИВ преминал од шимпанзата на луѓето откако повреден африкански ловец убил едно од животните во 1921 година, а потоа се заразил.
Пепен тогаш објасни дека ХИВ продолжил да се шири низ целиот свет преку колонизација, проституција и кампањи за јавно здравје на кои им недостасувале вообичаени безбедносни протоколи, како што е забраната за споделување игли.
Сепак, во второто издание, објавено овој месец, Пепен се потпира на истражување во медицинските архиви во Африка и Европа, па сугерира дека првиот заразен не бил ловец, туку војник во Првата светска војна, кој бил принуден да лови шимпанза за храна кога неговиот полк заталкал во далечна шума во Камерун и останал без резерви на храна.