Србија лидер во Европа по вакцинација, трета во светот
Србија е прва во Европа по бројот на вакцинирани граѓани на 100 жители во последните недела дена, додека во светот го зазема престижното трето место по бројот на вакцинирани.
Ова го покажува статистиката изработена според податоците собрани од американските владини извори преку проектот Our World in Data на Универзитетот Оксфорд.
Така, според бројот на вакцинирани во светот, пред Србија се само Израел и САД.
Зад Србија на листата според бројот на вакцинирани се Велика Британија која прва почна со масовно вакцинирање, како и многу други земји: Шпанија, Италија, Германија, Франција, Турција и Канада.
Од земјите во регионот единствено се издвојува Романија која се пласираше на осмото место на листата на држави во светот со најголем број вакцинирани на 100 жители, додека останатите земји од спрското соседство не се ниту во првите 20.
Инаку, како што утрово изјави српската премиерка Ана Брнабиќ во Србија досега се вакцинирани 438.000 луѓе, а најави дека на почетокот на неделата ќе биде потпишан и нов договор за набавка на 11 милиони вакцини.
Таа нагласи дека Велика Британија оди на варијантата што повеќе да вакцинира, и ја одложува втората доза од ревакцинацијата дури за 12 недели, што не е случај со Србија.
-Тоа е кога во Србија сите 1.170.000 дози кои ги имаме да им ги дадеме на сите, ама со по една доза. Тогаш би минало над милион вакцинирани, но тогаш и би се надевале дали ќе ни стигнат и дозите за ревакцинација. Ние имаме поинаква стратегија, секогаш половината од добиената пратка ја одвојуваме за ревакцинација, рече Брнабиќ.
Таа потсети дека Србија има потпишан договор за набавка на 6,5 милиони дози вакцини против коронавирус.
-Во понеделник или вторник ќе потпишеме дополнителен договор за 11 милиони вакцини, најави премиерката и додаде дека утре пристигнува одредено количество од вакцината на Фајзер.